ХРВАТСКА – Жена од областа Славонски Брод добивала пензија 17 години според стаж којшто самата го измислила. Според хрватските медиуми, судот ја прогласил 77-годишната жена за виновна за измама и ја осудил на една година условна затворска казна. Дополнително, жената мора да и врати на државата сума од 300.000 куни (околу 40.000 евра), која со камата достигнува и над половина милион куни (околу 70.000 евра).

Хрватката на 24-ти јули 1995 година поднела барање за признавање на правото на пензија. Кон барањето приложила и работна книшка на нејзино име со пријавен работен стаж од 32 години, шест месеци и три дена, наводно остварен во БиХ.

17 години добивала по околу 1.400 куни (околу 200 евра) месечно

Во пресудата на Жупанискиот суд се наведува дека обвинетата добро знаела дека немала ниту еден ден работен стаж во БиХ. Оттука, судот оцени дека обвинетата ова кривично дело го започнала на 24 јули 1995 година и го извршувала до 31 декември 2012 година, така што не станува збор за застареност, се вели во пресудата.

Се тврди дека лажната пензионерка на тој начин прибавила противправна имотна корист во инкриминираниот период и примала месечна пензија која всушност и не ѝ следувала.

За 17 години, 77-годишната жена добиваал околу 1.400 куни месечно (околу 200 евра). Пресудата деновиве стана правосилна, па жената во рок од 15 дена мора да врати повеќе од половина милион куни со камата. За трошоците на кривичната постапка ќе треба да плати десетици илјади куни, пишуваат хрватските медиуми.