Сензационални наслови, полни со шпекулации и претпоставки, невкусни коментари и навреди, деновиве го преплавија интернетот поради фотографија на поранешниот премиер Никола Груевски, направена во Будимпешта, а на која тој позира покрај млада жена.
Приказни дека си нашол невеста од Будимпешта, дека повторно ќе се жени и низа на други непроверени тврдења ја анимираа јавноста, без притоа да се знае фактичката состојба, па дури и идентитетот на жената чиј лик се најде во центарот на вниманието.
Која е вистината за овој настан, во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува самата таа, која не по своја вина стана еден вид на сензација, но и жртва на злоупотреба на приватна фотографија.
Станува збор за сериозна жена, семејна личност, мајка и посветена здравствена работничка, која до пред два дена не можела ниту да претпостави дека фотографијата со нејзиниот лик ќе стане топ тема во земјава.
Како што појаснува, целата ситуација е класична злоупотреба на приватна фотографија, а против лицето кое без нејзино знаење и дозвола ја објавило со цел да и напакости, ќе следат правни постапки.
-Во Будимпешта престојував неколку пати изминатиов период, поради здравствени причини. Не е тајна дека поранешниот премиер Никола Груевски живее таму, па по секое враќање мои пријатели на шега ме прашуваа случајно дали сум го сретнала.
При последната посета во градот, навистина го сретнав на улица, го поздравив, му се претставив. Кратко поразговаравме, тој се интересираше за причината поради која сум во Будимпешта, стануваше збор за краток и културен разговор, а потоа, спонтано го прашав дали може да се фотографираме.
Се согласи, и така беше направена фотографијата која еве денес, ни донесе низа на непријатни искуства мене и на моето семејство – раскажува таа.
Додава дека ја објавила фотографијата на апликацијата Стори, и можеле да ја видат нејзини блиски пријатели, како еден вид на забава помеѓу нив, сакајќи да им каже дека ете, конечно го сретнала и Груевски во Будимпешта. Но, овој наивен настан, односно објавувањето на фотографијата се покажало како начин на кој и била нанесена голема неправда од страна на лице кое ја видело фотографијата, ја контактирало и започнало да и праќа пораки со недолична содржина, по што таа го блокирала.
-Како го блокирав лицето кое ме вознемируваше со пораките, истото веднаш ја објавило фотографијата на социјалните мрежи. За многу кратко време се проширија низа на лаги и невистини, станав мета на невкусни коментари, па дури и новинарски текстови полни со претпоставки.
Целото семејство ми се вознемири, бидејќи сите ние ја знаеме вистината. Објава на вакви невистини и нивно ширење е навистина сериозен проблем, кој носи големи последици. Се уништуваат животи поради потрага по сензации. Против лицето кое ја изврши злоупотребата на мојата приватна фотографија ќе бидат преземени сите законски мерки, и се надевам дека мојата исповед за ,,Фокус” ќе допринесе јавноста да ја дознае вистината – раскажува вознемирената жена.
Не е прв пат во јавност да се објавуваат фотографии од Груевски во Будимпешта, направени случајно, а потоа да се прават сензации со непроверени вести. Вестите во кои се пишува за жена, за наводни љубовни афери и скандали се најчесто и оние кои најмногу го привлекуваат вниманието на јавноста.
Она кое е пракса кога се објавуваат слични шпекулации, е што лицата кои се жртви на непроверената сензација, најчесто немаат ниту можност да ја кажат својата страна на вистината, бидејќи не се ниту запрашани за коментар пред да се објави текст за одреден настан во кој се вклучени. Редовно се потенцира важноста на борбата против лажните вести, но сепак, најчесто преовладува желбата за сеир и следење на туѓа драма, без да се размислува каква штета може да предизвика објавата и ширењето на непроверените информации.