„Забавна платформа што ја интегрира филмската продукција, социјалната интеракција и фантастичното искуство. Концептот е ‘гледај за да заработиш’, со тоа што членовите заработуваат преку гледање промоции на филмови, трејлери и со тоа го менуваат традиционалниот начин на промоција на филмовите“.
Доколку го отворите вашиот телефон и ја пребарате апликацијата „Конти“ (Conti), ќе ви се појави вакво објаснување за тоа што значи оваа апликација и како работи истата. Но, вистината е дека парите доаѓаат од новите членови а завршуваат кај оние што се на врвот на пирамидата, односно што влегле во „шемата“ порано.
По користењето на оваа апликација, некој излегува побогат, а некој за стотици, па дури и илјадници евра посиромашен. Некој се навлекува во пирамидалната шема и вложува сè што има со сиот ризик, некој клика внимателно. Во секој случај, влогот е преголем, особено за жителите на Кавадарци, Радовиш и Велес, кои со месеци наназад се навлечени на оваа пирамидална шема, која функционира со плаќање во криптовалути – нешто што во земјава не е нелегално, но не е ниту регулирано.
На социјалните мрежи денеска веќе наголемо се зборува за овој пирамидален начин на заработка, зад која, според информациите на Мета.мк, како основачи, односно менаџери стојат неколку млади луѓе од истокот на Македонија. Нивните имиња се познати за редакцијата на Мета.мк, но во овој дел од сторијата нема да бидат објавени.
Чија е „Конти“? – Конти нема информации за сопственоста, а работи од два познати домени на веб-страници: alconti.com – првпат регистриран во јануари 2020 година во Велика Британија каде приватната регистрација последен пат е ажурирана на 24 септември 2023 година и conti.vip – регистрирана во јули 2023 година, последен пат ажурирана на 24 септември 2024.
Според веб-страницата BehindMLM, која ја истражува сопственоста на компаниите, „Конти“ има блиски врски со Кина и станува збор за „рециклирање на новоинвестирани средства за да им се плати на претходните инвеститори“.
„Со кликнување на копчето наводно се генерира приход кој е поврзан со некои податоци за вештачката интелигенција. Наведените податоци наводно се продаваат на фиктивните партнери на Конти, а процентот оди на здружени инвеститори (кои не прават ништо повеќе од кликнување на копче во апликација). Ама тоа нема никаква смисла. Кликнувањето на копче во апликацијата нема никаква врска со филмските инвестиции или податоците за вештачката интелигенција. Во реалноста, кликнувањето на копче на апликацијата на Конти не прави ништо. Сè што прави Конти е рециклирање на новоинвестираните средства за да им плати на претходните инвеститори. Конти е дел од групата на апликацијата „Кликни на копче“ понзи измама, која се појави кон крајот на 2021 година“, пишува на оваа веб-страница.
Според нашите информации, „Конти“ пристигнува на македонскиот пазар преку девојка од Неготино, но потоа двајца млади од Кавадарци го преземаат приматот.
„Во групата на Телеграм тие објавуваа фотографии како одат на обуки во Велика Британија, како присуствуваат на конференции во Словенија. Во Кавадарци свечено беше отворен и информативен центар на Конти, истото подоцна беше направено и во Радовиш, а најава за инфо центар имаше и за Скопје. Оттаму, знаевме дека сè е законски, но исто така бевме свесни дека ова нема да трае долго“, сведочи еден од корисниците на „Конти“ во земјава.
Сите корисници со кои разговаравме беа едногласни дека никој не ги присилил да вложат пари и дека напротив, им било кажано дека е можно платформата да трае до Нова година, а потоа да се укине.
Две од лицата кои се поврзани со „Конти“ (како менаџери, со најголема заработка) не одговорија на нашите повици и пораки. Одговори третото лице, млад човек од Кавадарци, во телефонски разговор кратко ни изјави дека е во гужва, но дека исходот од ова бил очекуван.