Музичкото регионално шоу „Ѕвездите на Гранд“ со години важи за најголемото натпреварувачко музичко шоу на Балканот, но се поевидентно станува дека вокалните и музички способности на натпреварувачите не се пресудни за некој да напредува во ова шоу. Ваквото мислење за кое се коментира веќе со години, вечерва беше уште еднаш потврдено пред се од личните одлуки на првиот човек на Гранд Продукција, Саша Поповиќ.
Без да навлегуваме во некакви споредби кои би имале некаков субјективен став врз основа на националноста на натпреварувачите, ќе направиме споредба помеѓу двајца претставници од Македонија, еден претставник од машката популација и една претставничка од женската, кои настапија во најновото шоу кое беше емитувано вечерва.
Иако беше евидентно дека симпатичното момче од Македонија кое работи и живее во Виена реално заслужува пласман во следната фаза, што впрочем беше потврдено со гласањето од стручното жири кое му додели 4 гласа, сепак со одлука на Саша Поповиќ натпреварувањето за него заврши и покрај неговиот одличен настап и несомнено одлични вокални и музички способности, но и сценски настап и впечатлив физички изглед.
Колку за споредба, женската претставничка од Македонија која е родена во Скопје, но е мажена и живее во Белград, и покрај тоа што не доби ниту еден глас од стручното жири и изгуби со 7:0 од нејзината конкурентка, сепак веројатно (само) поради нејзиниот атрактивен изглед беше пуштена во следната фаза со лична одлука на Саша Поповиќ.
Погледнете и самите. Настапот на девојката од Македонија на која ѝ посакуваме многу успех понатаму е на 1:26:00, додека изведбата на момчето од Македонија кое дефинитивно заслужи пласман понатаму, но за жал испадна, е 20 минути подоцна.