Шигејаки Хинохара имал единствена животна филозофија која ја почитувала дури и царицата на оваа земја.
Познатиот јапонски лекар Шигејаки Хинохара умре на 18. мај 2017 година на 105-годишна возраст, а во наследство на светот му остави вредни сознанија за тајната на среќен и долговечен живот. Во својата земја бил исклучително почитуван, и тоа не само од обичниот народ, туку и од самата јапонска царица. Тој, исто така, помогнал и во воспоставувањето на медицинските правила, благодарение на кои Јапонците станаа едни од најдолговечните луѓе во светот. Речиси до неговата смрт, докторот Хинохара работел во болница, лекувајќи пациенти и предавајќи им на студентите на факултетите. Тој често нагласувал дека нашите мисли, ставови, верувања и перцепции ја обликуваат нашата реалност, а со тоа и нашето здравје. Ако е можно нашите мисли да се толку моќни, зошто да не ги искористиме во лекување и во подобрување на квалитетот на животот?
Ова се 10-те правила за среќен и долг живот на познатиот јапонски лекар.
1. Чувствувајте се добро
Ако се чувствувате добро, привлекувате добра енергија. Ништо не ви вреди здравата исхрана и спиењето ако се чувствувате лошо. Едноставно, правете го сето она кое чини да се чувствувате добро. Премногу правила ги заморуваат луѓето.
– Сите се сеќаваме дека како деца, забавувајќи се, често заборававме да јадеме или да спиеме. Верувам дека можеме да го задржиме тој став и како возрасни – велел познатиот доктор.
2. Пазете се од дебелината
Д-р Хинохара постојано нагласувал дека луѓето кои немаат прекумерна тежина доживуваат и стота година, па затоа треба да се внимава на тежината и на физичката кондиција. Не треба да се оптоварувате со здравата исхрана, многу поважно е да бидете умерени и да не се прејадувате. Неговиот појадок се состоел од шолја кафе, чаша млеко и цеден портокал, во кој ставал една лажичка маслиново масло. Лекарот верувал дека ова масло е одлично за крвта и кожата.
3. Планирајте однапред
Тој секогаш цела година однапред имал план со активности. Дури и планирал многу понатаму во иднината. На пример, со нетрпение ги очекувал Олимписките игри во Токио во 2020 година, но за жал, не доживеа да ги види. Неговиот однос кон животот и плановите покажуваат каков оптимист бил, што е исто така многу важен фактор за долговечноста.
4. Не мора да се пензионирате ако не сакате
Ако некој сака да се пензионира, се разбира дека е во ред. Потоа може да се посвети на работите што сакал да ги прави, а немал време кога бил млад. Но, ако не сакате да се пензионирате и чувствувате дека сè уште можете да се занимавате со својата професија и да уживате во неа, правете го тоа. По 65-годишна возраст, д-р Хинохара почнал да волонтира, да предава и да посетува пациенти. Работел и до 18 часа на ден и уживал во секоја минута.
5. Споделете го знаењето со другите
Не бидете себични! Подучувајте ги луѓето во она што не умеат да го прават. Доктор Хинохара годишно би одржал околу 150 предавања. Ги учел сите, од училишни деца до сериозни претприемачи и лекари. Секогаш стоел за време на предавањата, кои понекогаш траеле со часови, и имал обичај да каже дека стоењето го прави посилен.
6. Не верувајте во сè што кажуваат лекарите!
Лекарите се само луѓе. Ваше право е да ги слушнете мислења од различни доктори. Хинохара верувал дека лекарите не можат да ја излечат секоја болест и секој пациент. На луѓето им предлагал, кога лекарот ќе им препише терапија или преглед, да се запрашаат дали истото би им го препорачал на членовите од своето семејство. Тој верувал дека животните и музиката имаат големо влијание врз закрепнувањето, многу поголемо од она што официјалната медицина го признава.
7. Заборавете на лифтот
За да останете здрави и витални, секогаш одете по скали и трудете се сами да си го носите вашиот багаж. Токму тоа правел и д-р Хинохара. Цел живот одел нагоре-надолу по скалите и секогаш прескокнувал една. Скалите и пешачењето се секојдневни вежби за вашето срце и тело.
8. Инспирација за секој ден
Читајте, пронаоѓајте нови писатели кои ќе ве инспирираат, слушајте музика, уживајте во ликовната уметност, патувајте, шетајте во природа…
9. Како да се справите со болката
Најефикасен начин да го одвлече вниманието од болката е преку забава. Кога детето ќе се удри, ќе плаче додека неговото внимание не се сврти на нешто друго. Тогаш ќе заборави на болката. Тоа треба да го прават и возрасните. Оние кои се шегуваат на сметка на своите маки, кои се неизбежни со годините, живеат подолго од оние кои постојано се жалат и се препуштаат на болката. Д-р Хинохара верувал дека во болниците треба да се донесат кучиња за терапија, како и други животни, на пациентите да им се пушта музика за полесно да ја надминат болката.
10. Не собирајте материјални работи!
Не трошете време собирајќи материјални работи. Повеќето од нив се целосно бескорисни, не служат за никаква цел, и ниту една од нив не ќе можете да земете кога напуштите овој свет, говорел д-р Хинохара.