Бартоломеј Г. (17) од Полска беше уапсен во Грција по сомнение за брутално убиство на 16-годишната Маја Ковалска во североисточна Полска. Според обвинителството, младиот осомничен е обвинет дека на 23 април оваа година ја убил Маја, која била неговата познаница, во стара столарска работилница во градот Млава. Како што се наведува, тој ја намамил девојката во работилницата, каде што ја нападнал со секира или чекан, а потоа ја запалил по што го фрлил нејзиното тело во контејнер.
Мајa исчезнала попладнето на 23 април, откако ѝ кажала на мајка си дека ќе се сретне со пријател. По нејзиното исчезнување, таа била пријавена на 24 април, а телото беше пронајдено на 1 мај. Полицијата го идентификувала осомничениот и по издавањето на европската потерница, тој бил уапсен во хотел во Катерини, Грција.
Според полските медиуми, по убиството, Бартоломеј отпатувал во Грција, каде што бил на екскурзија со својот клас. Иако е малолетник, постои можност тој да биде суден како возрасен, а доколку биде осуден, може да се соочи со казна од 15 години до доживотен затвор.
Полицијата наведува дека, според детективот Јан Голембиовски, убиството може да биде емоционално мотивирано, а силните емоции на сторителот се видно изразени преку начинот на кој Маја била убиена. Веќе е познато дека жртвата го познавала осомничениот, што укажува на можен претходен пријателски однос. Голембиовски додава дека овој тип на насилство е карактеристичен за младите луѓе, кои често се емоционално нестабилни.
Осомничениот денеска беше изведен пред судот во Солун, а се очекува да биде екстрадиран во Полска каде што ќе му се суди за убиство.