На денешен ден, точно пред четириесет години познатиот танчар и дел од вокалната група „Бони-М“, Боби Фарел, станал македонски зет.
Свадба за која се вели дека ја достигнала популарноста како свадбата на принцезата Дијана и принцот Чарлс, само во локални рамки.

На денот на венчавката, преку 20.000 Скопјани ги поздравиле младоженците, а венчавката на Боби Фарел и нивната сограѓанка Јасмина Шабан е нешто за кое уште долго ќе се зборува.

Идилата меѓу Алфонс Боби Фарел и 18 годишната Јасмина Шабан траела околу 4 години. Не помогнало ниту молењето од нејзиното семејство таа да се врати во Виена, во домот на нејзините родители Мизакет и Невзат.

Додека Боби шетал низ Европа со групта „Бони М“, Јасмина трпеливо го чекала во неговата раскошна вила со 13 соби. Така се`до летото 1981, кога била закажана свадбата во скопскиот хотел „Континентал“.

Сите ги очекувале придружните вокали од групата, меѓутоа атрактивното трио не се појавило. Боби рекол дека девојките биле зафатени со купување на куќа на Флорида.

Се зборувало дека тој бил „само марионета во групата“, и тоа била главната причина поради нивното отсуство. Како и да е, во Скопје 1981 година, оваа свадба била „хит на летото“.

Неколку дена пред свадбата, Боби со неговиот брат пристигнал во Скопје. Веднаш дал до знаење дека не сака да контактира со новинарите и фоторепортерите. Боби бил прилично вознемирен и нервозен, арогантно изјавувајќи дека му е доста од тоа фотографите да заработуваат милиони од неговите фотографии.

Единствено „Вардар Филм“ ја снимил церемонијата.

Ниту Јасмина не сакала многу да се фотографира, иако пред неколку месеци и двајцата им се смешкале на фоторепортерите и на широко ја рекламирале нивната венчавка.

Чичкото на Јасмина, Сали, бил менаџер на забавата. Заедно со нејзините родители се обидувале да ги скријат младоженците од многубројните фанови.

Свадбата започнала во 16.00 часот. Боби во голем црн автомобил заминал по невестата, а пред нејзината куќа веќе се собрале преку 200 Роми. Воодушевени го поздравиле Боби, а паднале и првите солзи од неговите обожавателки.

Колона на автомобили пристигнала пред матичното, кадешто веќе се собрале 8.000 луѓе. Кордонот полицајци едвај успеал да го задржи редот. Салата во матичното личела на сауна. Младенците биле изнервирани од постојаното сликање и разговорот меѓу присутните. Во еден момент Јасмина започнала да плаче, а Боби започнал да вика на цел глас: „Доста, доста, доста“.

После половина час венчавката продолжила. Набргу, пред хотелот „Континентал“ 12.000 луѓе со аплауз ги дочекале младоженците. Боби и Јасмина рано ја напуштиле салата – повторно се вратиле во 23.30 часот, седеле со гостите, а потоа ги оставиле и се повлекле во хотелскиот апартман.

Иако имало „чочек“ за Боби, тој не сакал да ги покаже своите танцувачки способности, иако тоа го ветил. И Јасмина не заиграла. И двајцата биле воздржани, а Јасмина ниту еднаш не го извала превезот од лицето.

Немало и многу најавени атракции. Немало телевизиски екипи од Германија и Англија. Ниту телевизија Скопје не го снимала големото случување за кое се зборувало со денови. Сите откажале откако семејството Шабан барало 30 милиони за фотографирањето.

Се зборувало дека венчаницата на Јасмина била од ткаенина купена во Индија, дека на неа ќе има злато и дека само материјалот чинел тогашни 2.000 марки. Но, таа делувала скромно, исто како и секоја венчаница. Свадбата чинела 14 милиони, а биле споменувани цифри од стотици милиони.

Околу 360 гости прилично мирно ја поминале свадбата. Ромите на оваа свадбена прослава не ја покажале својата препознатлива атрактивност и темперамент. Не се пеело на глас и не се „лумпувало“.

– Ќе живееме на Јамајка, на островот Аруба кадешто поседувам куќа. Ништо повеќе не сакам да кажам. Што ве интересира мојот приватен живот, рекол своевремено Боби, кој бил скржав на зборови.

– Не знам зошто сите полудеа?, рекла невестата Јасмина, за која се пишува дека цел ден е видно нерасположена. „Нашиот брак е наша работа“, потенцирала таа додавајќи: „Можам да кажам само да додадам дека ќе се запишам на училиште, ќе станам моден креатор, бидејќи веќе имам завршено курс за кроење. Би сакале отвориме бутик во Париз. И јас сакам да работам. Не сакам да бидам класична домаќинка“.

Така завршила скопската „свадба на деценијата“, која не ги задоволила оние кои очекувале некаква сензација.

Јасмина и Боби биле во брачен однос се до 1995 година, кога решиле да се разведат. Од бракот ја имаат ќерката Занилија и синот Занин. Боби Фарел почина на 30ти декември во 2010 година, во Санкт Петерзбург, а причината за смртта е срцев удар.