Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа во босанскиот град Бугојно, во која три лица го загубиле животот, едно на возраст од 24 години и две лица на возраст од 17 години.
– Околу 22 часот на главниот пат во населбата Чаушлије, општина Бугојно, се случила сообраќајна незгода во која учествувале патничко моторно возило Фолксваген Голф управувано од малолетно лице (родено 2004 година) и патничко моторно возило „фиат пунто“ управувано од А.Џ. роден 1963 година.
– Во оваа несреќа возачот на Голфот и неговиот совозач З.Б. (роден 2003 година) се здобиле со телесни повреди, додека нивните сопатници во возилото Е.Ј. (24 години) и двајца малолетници кои имале по 17 години, сите од Доњи Вакуф, починале на лице место – соопшти МВР на Централниот босански кантон.
Нагласено е дека во соработка со надлежното кантонско обвинителство, полициски службеници од Секторот за криминалистичка полиција при МВР извршиле истражни дејствија, а се преземаат и други активности за утврдување на сите факти и околности поврзани со несреќата.
– Наредена е обдукција, а од возачот земени се примероци од крв за да се утврди дали биле под дејство на алкохол. Во истрагата присуствуваше и дежурниот обвинител, по што ќе се знае повеќе за причините за несреќата – изјави за порталот „Аваз“ Хасан Хоџиќ, портпарол на МВР на Централниот босански кантон.
Во моментот на судирот тројцата млади момчиња кои загинале се наоѓале на задното седиште од голфот.
Како што дознаваат босанските медиуми, повредениот возач на Голф и неговиот совозач се пренесени во болницата во Бугојно, но се уште не се знае степенот на повредите.