Случајот со Матеј Периш, сплиќанецот кој исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември од клубот „Готик“ во Бетон хол во Белград, речиси цела недела ја окупира целокупната балканска јавност и предизвикува бројни реакции посебно во Србија и Хратска. Луѓето се молат за среќен крај на драмата со 27 годишното момче, иако сите се свесни дека колку подолго трае потрагата, толку помали се шансите Матеј да биде пронајден жив.
Изминативе денови имаше голем број индиции за движењето и судбината на младиот сплиќанец таа кобна вечер, но се чини дека со секоја нова трага сепак добиваме повеќе прашања отколку одговори, анализира тиражниот српски весник „Блиц.рс.“
1. Зошто неговите пријатели чекаа толку долго да го пријават исчезнувањето?
Матеј Периш од „Готик“ излегол без јакна, само во маица со кратки ракави, во ледената декемвриска ноќ околу 2.30 часот, а неговите пријатели го пријавиле неговото исчезнување во полиција дури околу 18 часот вечерта, што значи дури после 16 часа откако имале последен контакт со него.
Поради тоа, некои поранешни полициски инспектори кои даваа изјави за српските и хрватските медиуми побараа шестмината пријатели на Периш да бидат подложени на полиграфско испитување. Се појавија и шпекулации дека сите биле под дејство на алкохол, а можеби и на психоактивни супстанци и дека чекале да се „освежат“ пред да се јават во полиција.
2. Зошто Матеј трча?
На снимката од надзорните камери снимени ноќта на исчезнувањето се гледа како Матеј Периш трча низ улиците на амфитеатарот Сава во маица со кратки ракави. Зошто некој би го направил тоа во ладна декемвриска ноќ?
Дали Периш се исплашил од нешто? Дали некој му истурил нешто во пијалокот, како што тврдат неговите пријатели или, како што тврди за „Блиц“ очевидец од „Готик“, испиеното количество на пијалок си го земало данокот?
Слободан Мишковиќ, поранешен инспектор за киднапирања и изнуди, денеска ја изнесе теоријата според која Периш „долго трчал затоа што можеби мислел, ако конзумирал алкохол или „нешто друго“, дека за тој час време ќе се врати при себе“.
3. Каде сакаше да оди со такси?
Надзорните камери потоа го снимија Периш на пешачкиот премин под Бранковиот мост. На видеото се гледа како тој се спушта по улицата Караѓорѓева од правец на Калемегдан и се обидува да запре такси со светла боја, но таксистот не го пушта во автомобилот.
Зошто запрел такси на само 200 метри од „Готик“ и каде имал намера да оди?
4. Кога е направено видеото со двете лица кои трчаат на улицата Травничка?
Времето на видеото од улицата Травничка не се совпаѓа со времето кога исчезнал Матеј. Времето на видеото е 1:48, а Матеј, според неговите пријатели, од „Готик“ ислезнал околу 2.30 часот.
5. Каква боја се неговите патики?
Во првичното соопштение дека Периш исчезнал пишувало дека носел црни патики со бел ѓон, но на снимката се гледа дека имал бели патики. Таткото на Матеј Периш на снимката од кобната ноќ го препознал синот во бели патики, но неговите пријатели се уште тврдат дека исчезнал во црни патики.
Дополнителна конфузија предизвика видеото од улицата Травничка, на кое прво се гледа како млад човек трча во еден правец во маица со кратки ракави и бели патики, а потоа после неколку секунди млад човек со слична градба и облека се враќа од обратна насока, само во црни патики со бел ѓон.
6. Која е девојката во бело?
На истото видео од улицата Травничка се гледа маж како Матеј како трча во еден правец, а потоа навидум истиот човек трча од другата насока, но со жена во бела јакна или џемпер. Ако Матеј навистина е на видеото, која е женската личност во бело и зошто трча со него?
7. „Виолетова“ снимка на пливач во Сава
Дали навистина Матеј Периш е на видеото на пливачот од ледената Сава? Кој, кога и каде ја снимил оваа сцена? Зошто само таа, од сите снимки, не изгледа како да е направена од надзорна камера туку од човечка рака, бидејќи кадарот постојано се движи?