Мирко Шариќ, фудбалер со хрватско потекло, не е многу познат ниту на најстрасните фудбалски фанови, но неговата трагична судбина одекна во Аргентина, каде што е роден и каде ги направи првите и последните фудбалски чекори.
Како момче, Шариќ се приклучи на младинците на Сан Лоренцо, а подоцна беше препознаен како голем талент, за набрзо, во 1996 година, да заигра за првиот тим на аргентинскиот великан.
Неговата кариера тргна во молскавична нагорна траекторија, а круна на сето тоа беше поканата за младата репрезентација на Аргентина, за која одигра седум натпревари и постигна два гола.
Меѓутоа, во декември 1999 година Шариќ заработи повреда на лигаментите на левото колено и од тој момент почна да му се руши светот.
Единствениот момент на радост му се случил на приватен план, кога девојката со која се забавувал му кажала дека е бремена и дека ќе го роди неговото дете. Бил неизмерно среќен, ниту сообраќајната несреќа, ниту пак неуспешниот трансфер во Реал Мадрид и повредите не можеле да му ја одземат насмевката.
Неговата мајка Ивана, сепак сакала преку ДНК тест да провери дали детето е негово, бидејќи девојката кога го немало Мирко се дружела и излегувала со други момци.
Сомнежот го потврдил и неговиот брат Мартин, кој тогаш бил шеф на стручниот штаб на Сан Лоренцо, клубот во кој Мирко ја мина целата своја, за жал, кратка кариера.
– Се забавуваа речиси една година. Излегов во градот и ја видов со други момци. Разговарав со Мирко за тоа, многу се расправавме. Разбрав дека е заљубен, но како брат морав да му ја кажам вистината иако ме боли. Секако, и тој се сомневаше, бидејќи се врати од Јапонија каде настапуваше за младата репрезентација на Аргентина, а термините не се поклопија. Кога „паѓаше“ зачнувањето, тој во тоа време беше во Јапонија – изјави Мартин.
Мирко го направил тестот заедно со бебето и девојката и се покажало дека детето не е негово. Следеле месеци на лудило и разочарување, како и тотална депресија.
Тој отишол кај таткото на девојката со неговите родители и го кажал првото нешто што му паднало на памет.
– Знаете дека нема да го прифатам тоа дете бидејќи не е мое – рекол Мирко.
Од друга страна, тој доби тотално неочекуван одговор.
– Знаеш, Мирко, сигурно си згрешил некаде, бил краток таткото.
После тоа, тие отишле дома и никогаш повеќе немале контакт со таа девојка или нејзиното семејство. Младиот фудбалер не можел да го преболи тоа што му се случило и продолжил да живее.
Не помогнале ниту советите, ниту љубовта кон семејството, ниту разговорот со главниот тренер на Сан Лоренцо, легендарниот Оскар Ругери, кој му препорачал психијатар.
Мирко Шариќ брзо потоа бил пронајден во соба каде што не давал знаци на живот. Си пресудил со бесење. Загубени се еден млад живот и потенцијално одлична кариера.
Кобниот 4-ти април 2000 година во Сан Лоренцо е запаметен како денот кога голгетер од тага реши да крене рака на себе.