На 43-годишна возраст почина поранешната светска шампионка во карате, Снежана Пантиќ (моминско Периќ), објавија утрово белградските медиуми.

Пантиќ, која беше сопруга на поранешниот голман на Партизан, Ѓорѓе Пантиќ, почина по долго боледување од карцином на дојката.

Таа се занимаваше со карате 20 години. Снежана 14 пати се натпреваруваше за репрезентацијата на Југославија, потоа за Србија и Црна Гора, а на крајот ги бранеше боите на Србија.

Освојуваше златни медали на светски шампионати, европски првенства, светски игри, а 16 пати беше државен шампион.

Таа стана светска шампионка во апсолутна категорија во 2002 година на Светското првенство во Мадрид. Таа го освои Европското првенство во 2006 година. Во својата кариера има освоено повеќе од 30 титули и над 100 медали.

Зад себе ја остави ќерката Мања (15). Како што пишува Директно.рс, Снежана пред неколку дена била примена во болница, но и покрај напорите на лекарите вчера ја загубила битката за живот.

Победи на сите натпреварувања, но не успеа да ја добие најважната битка во животот. Шест години Снежана со помош на сопругот Ѓорѓе и малолетната ќерка Мања се обидувала да ја победи пеколната болест, но не успеала.

На Снежана Периќ прво и беше дијагностициран рак на дојка, но за жал подоцна се прошири. Каратистката беше голем борец и блескаше од позитивна енергија.