Ина Многуфина се огласи на социјалните мрежи во врска со случајот на велешанката Пале.

„Пресудата за Пале е утре. Утре е важен ден, утре судот во Велес ќе се изјасни како системот ги третира жртвите на насилство. Утре ќе видиме дали правосудниот систем ги штити само декларативно и им остава можност кога се работи за нивниот живот да бираат помеѓу смрт или чудо да ги спаси или ќе може да бараат спас во судот. Судот ќе го даде последниот збор за овој случај но и првиот збор од утре па натака кога ќе знаеме дали пријавувањата се залудни или ќе се стави во заштита на жртвите, ќе им даде надеж и ќе ги поттикне да пријавуваат знаејќи дека ќе најдат спас во институциите кои не смеат да застанат на страна на насилниците. Доколку сите институции реагираат на први пријави, до вакви трагедии нема да доаѓаме. Утре е денот“, стои во објавата.

Утрово, во Основниот суд Велес започна судењето на 23-годишната жена обвинета за кривичното делово „убиство на миг“.

„Не се чувствувам виновна“, изјави велешанката Пале Илоска за убиството на нејзиниот партнер. Таа објасни дека само се бранела.

– Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев на работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стивнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите, ги раскажа кошмарните моменти од фаталната вечер на 29 септември лани, кога при семејно насилство го уби нејзиниот партнер Ристовски во нивната куќа во Велес.