Судот ја ослободи од обвинеиние велешанката Павлинка Пале Иловска, која лани со нож го усмрти нејзиниот насилен партнер, полицаец од Велес. Таа одговара за кривично дело убиство во миг.

„Обвинетата Павлинка Иловска, се ослободува од обвинение“, рече судијката.

Судијката кажа дека Пале се бранела од сега покојниот. Од ДНК под ноктите на покојниот полицаец, се утврдило дека тој навистина ја давел, посочи судијката. Била влечена за облеката, удирана по нозе и раце, но и глава.

„Согласно кривичниот законик, нужна е одбраната која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата“, рече судијката.

Неспорно се утврдило дека нападот од покојниот бил вистински и траел, а обвинетата Пале била во животнозагрозувачка состојба, потврдил и психијатрискиот наод.

„Правната доктрина дозволува нападнатиот да се брани“, додаде судијката.

Постоела несразмерност на физичката градба и конституција меѓу Пале и покојниот полицаец, притоа бил од надмена позиција, се додава во психијатрискиот наод.

„Од исказот на обвинетата и психијатрискиот наод, се утврди дека од тоа што покојниот силно ја стегал за вратот, губела здив, па дејствијата биле насочени кон одбрана од сега покојниот. Судот утврди дека одбраната била сразмерна и пропорционална“, додаде судијката.

Како точни биле и наводите на обвинетата која објаснувала, а судијката посочи: „Тој и велел дека е курва и недомаќинка. Обвинетата влегла во спалната да спие, тој влегол ја фатил за врат ја влечел, ја мавал со клоци и боксови, ја фатил за вратат и ја давел, ја влечел од кујната, а таа му рекла: „Немој ќе ме убиеш“, тој продолжил и ја гушел, таа го земала ножот кој се наоѓал на кујнската маса“.

Пале, се обидела и да го спаси нејзиниот партнер со кого живеела. Му дала прва помош, се јавила во Брза помош, ги слушала напатствијата.

„Тоа што е сторено во нужна одбрана не е кривично дело“, додаде судијката.

Случајот на Пале Илиовска предизвика лавина реакции во јавноста откако се дозна дека таа неколку пати го пријавувала партнерот за малтретирање, но тој не бил гонет. Во постапката, Пале докажуваше дека таа го убила со убод од нож, додека тој ја давел и дека делото го направила во самоодбрана.

Илиовска на вчерашното рочиште кажа дека не се чувствува виновна. Обвинителката пак, посочи олеснителни околности кои се причина за полесна казна. Таа издржуваше куќен притвор.