Данскиот ракометар Микел Хансен, еден од најдобрите играчи во светот, ја заврши сезоната во ПСЖ откако заработил воспаление на вените во комбинација со белодробна емболија, објави клубот од Париз.
Минатата недела во Данска, Хансен беше опериран поради проблемите со коленото, а по враќањето во Франција се здобил со белодробна емболија, обструкција (блокада) на артериите предизвикана од згрутчување на крвта која пристигнува од длабоките вени на нозете до белите дробови. Бидејќи тромбите го блокираат протокот на крв во белите дробови, белодробната емболија може да биде фатална. Сепак позитивни вести пристигнуваат од неговиот клуб ПСЖ, од каде известуваат дека играчот е надвор од животна опасност, објави 24ракомет.мк.
Хансен ќе биде надвор од терените најмалку четири до шест месеци затоа што болеста се третира како опасна, третманот со антикоагуларна терапија не дозволува контактен спорт поради ризик од крварење.
Еден од најдобрите дански играчи на сите времиња во својата богата кариера има олимписко и европско злато, две светски злата, а рекордни три пати беше прогласуван за најдобар ракометар во светот. Во неговите витрини единствено недостасува трофеј од Лигата на шампионите, кој требаше да го освои со ПСЖ или Алборг, тим за кој требаше да настапува од следната сезона.