Огромна трагедија го потресе утрово Охрид и ракометна Македонија. Под засега непознати околности, кои во моментов се истражувани од охридската полиција, животот го загуби голманот на РК Охрид и македонски репрезентативец 26-годишниот Никола Даниловски.
Безживотното тело на младиот спортист е пронајдено денеска во водите на Охридското Езеро, а како што информираат од охридската полиција, на телото немало траги од насилство. Според информациите од охридската полиција, тој се водел за исчезнат од синоќа, а по него интензивно ноќва трагале полицијата како и неговите соиграчи и блиски пријатели. Безживотното тело било пронајдено денеска во туристичката населба Лагадин во близина на Охрид.
Поради трагичната смрт на младиот голман, одложен е вечерашниот меч од Суперлигата во ракометната лига на Македонија, меѓу Охрид и Струга.
Даниловски изминативе години беше постојано на репрезентативните списоци на Данило Брестовац и Кире Лазаров, а во својата кариера покрај за Охрид претходно бранеше и за Металург и за Еурофарм Пелистер.