Душко Тодевски повеќе не е стечаен управник на Еуростандард банка, а на негово место е назначен Маринко Саздовски, објавува Фактор.мк.

Промената веќе е впишана во Централниот регистар, а ја донел Основниот граѓански суд од Скопје кој постапил од барање за разрешување. Одлуката е донесена на 5 април годинава, а според тоа, Тодевски во рок од три дена требало да му ја предаде на Саздовски целокупната документација на должникот и документацијата после отворањето на стечјаната постапка на должникот.

Тодевски беше стечаен управник на Еуростандард банка од отворањето на стечајот на 14 август 2020 година. Во последниот период тој продава дел од имотот на пропаднатата банка, а последни се нудеа акции кои Еуростандард ги имаше во некои моќни компании и тела. Пред извесно време се продадоа во „Реплек“ и во Централен депозитар за хартии од вредност.

Фактор во декември лани пишуваше дека Тодевски побарал од стечајниот судија да ја одобри исплатата на неговата награда. Тодевски на 21 декември достави до судијата предлог за награда на стечајниот управник и во него на страница и половина образложуваше некои детали од стечајната постапка. На крај побара да му се исплатат над 153 илјади евра награда од завршената работа дотогаш, кои заедно со сумата од 5.000 евра која му била исплатена авансно ќе ја заокружат наградата на вкупно нешто над 158 илјади евра. Во тој документ тој објасни дека со планот за авансна распределба предвидено било да се распредели стечајната маса и тоа парични средства во износ од 3.100.000.000 денари ( 50,4 милиони евра).

Инаку Маринко Саздовски беше стечаен управник на ТЕ-ТО, а своевремено нему акционери на Топлификација му поднесуваа и кривична пријава.

Тој беше стечаен управник и на ОХИС.

Нема објаснување зошто се врши промената, а упатени коментираат дека целата работа не е наивна.