Босна и Херцеговина – Припадниците на Федералната полициска управа, со помош на Специјалната единица на оваа полициска агенција, синоќа на бензинска пумпа на Штуп во Сараево го уапсија наредникот на КПУ Устиколина.
Како што прв објави порталот „Аваз“, Елдин Брајловиќ е уапсен под сомнение дека го рекетирал затвореникот Бајро Бурековиќ.
Порталот „Аваз“ дознава дека Брајловиќ го уценувал Бурековиќ главно преку неговата девојка, на која и праќал безобразни пораки. Тој испратил и бројни фотографии и видеа. Во една од пораките до девојката на Бурековиќ, Брајловиќ бара 20 конвертабилни марки!? (околу 600 денари).
– Остави на бензинската пумпа во Горажде – пишува во пораката што ја испратил Брајловиќ.
Исто така, како што дознава порталот „Аваз“, Брајловиќ не бил сам во овие незаконски дејствија, односно имал соучесник од КПУ Устиколина.
Инаку, при акцијата биле пронајдени пари, а Брајловиќ со месеци бил под посебни истражни дејствија. Брајловиќ е уапсен по наредба на Обвинителството и во моментов се води истрага од ФУП. Акцијата била координирана со помош на Агенцијата за разузнавање и безбедност (ОСА) на БиХ.