И после две недели од претепувањето до смрт на младиот хрватски ракометар Денис Тот Институтот по судска медицина се уште без извештај, изјави денеска на прес конференција Министерот за здравство Беким Сали, објави Телевизија 24.
Од директорот на Судска медицина- Александар Станков нема одговор на прашањето за извештајот на обдукцијата за Денис Тот. Хрватскиот ракометар Денис Тот пред две недели беше физички нападнат од страна на тројца напаѓачи пред влезот на скопскиот ноќен клуб, по што беше хоспитализиран во Клиничкиот центар во Скопје. И покрај обидите за реанимација, тој сепак им подлегна на повредите. Оттогаш започнаа контроверзите- од што нсавистина починал Денис Тот.
МВР повикувајќи се на лекарските наоди, првично изјавија дека Тот бил без видливи траги на насилство, но снимки од безбедносни камери, кои ден подоцна се појавија во јавноста, укажаа дека тој бил жртва на физичко насилство.
За смртта на младиот ракометар осомничени се три лица, сите од Скопје на кои им е одреден триесетдневен притвор. Ангело Георгиевски, првоосомничениот за убиството на Тот, кој првично беше недостапен за полицијата пред неколку дена после потрагата, се предаде во полициската станица Аеродром, во Скопје, откако МВР распиша меѓународна потерница по него.
Откако ќе заврши обдукцијата, се очекува обвинителството да покрене пријава за кривично дело – убиство.