Според средната курсна листа на НБРМ, еврото денеска изнесува 61.6878 денари, а американскиот долар чини 58.3612 денари. Британската фунта изнесува 72.0399 денари.
ВРЕДНОСТА НА ДОЛАРОТ НА НАЈВИСОКО НИВО ВО ПОСЛЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ
Уште на мартовската седница, ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата, која достигна највисоко ниво во последните 40 години, а вредноста на доларот минатата недела порасна на светските берзи петти пат по ред, откако американската ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени и најави дополнително заострување на монетарната политика за да ја спречи високата инфлација.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на американската валута во однос на другите шест главни светски валути, минатата недела зајакна за 0,7 отсто, на 103,64 поени и во еден момент достигна 104,07 поени, ново највисоко ниво од 2002 година.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна за 0,65 отсто на 130,55 јени.
Сепак, американската валута стагнира во однос на европската валута, па цената на еврото на неделно ниво остана практично непроменета, на 1,0550 долари, блиску до најниските нивоа во последните пет години.
Благодарение на заострувањето на монетарната политика на ФЕД, доларот веќе подолго време зајакнува во однос на јапонската валута, бидејќи Банката на Јапонија соопшти дека ќе води блага монетарна политика за да го поддржи економското закрепнување, и покрај зголемените инфлациски притисоци.
Цената на еврото во однос на доларот, пак, постојано се движи близу до најниското ниво во последните пет години. Европската валута е под притисок од почетокот на руската инвазија на Украина, бидејќи инвеститорите се загрижени за енергетската безбедност на Европа, високата инфлација и забавувањето на економскиот раст.
И Банката на Англија повторно, по четврти пат од декември, ги зголеми каматните стапки, за 0,25 процентни поени, на 1 отсто, што е највисоко ниво од 2009 година. Инфлацијата во Британија достигна 7 отсто, највисоко ниво во последните 30 години, а банката предупреди и дека на економијата и се заканува рецесија.