На социјалната мрежа Инстаграм во петокот се појави профил anketa_arh.bg на кој студентите на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград решија да зборуваат за сексуалното насилство, за кое тврдат дека долго време го трпат од еден професор и еден асистент (имиња познати на српските медиуми).
Тие, исто така, објавија анкета на 740 студенти, од кои 234 изјавиле дека имаат директен проблем со професорот или асистентот, додека 474 слушнале или познавале некој кој претрпел некаков облик на сексуално насилство од еден од двајцата, додека само 32 испитаници никогаш не имале некакви непријатности, ниту пак слушнале за вакви инциденти.
Деканот на Архитектонскиот факултет на Универзитетот во Белград, Владимир Лојаница изјави дека најитно ќе реагира на сведочењето од социјалните мрежи.
– Дојдов на консултации, бевме сами во кабинетот. Седнавме на масата, тој зеде линијар од 30 сантиметри и со него ми ја допре внатрешната страна на бутовите, од колената нагоре. Во одреден момент ја покрена темата за оргазам. По неколку недели го сретнав на Булевар, јадев сладолед. Ме праша дали повеќе сакам да го лижам или да го гризам – напишала една од студентките.
Друга студентка пак не била директна жртва, но ги открила своите сознанија:
– Слушнав дека пред неколку недели на консултации ѝ пришол на девојката, седнал до неа, ја ставил раката на нејзината бутина и ја прашал: „Ќе се напалиш ако ја кренам раката нагоре?“ Кутрата девојка (најверојатно од шок) почнала да плаче. Не сум сигурна што му кажала, но таа и нејзината пријателка отишле да разговараат со асистентот, на што тој им рекол: „Не ми кажувајте вакви работи, мене тоа не ме интересира“.