На патот од Македонска Каменица кон Делчево, кој е дел од магистралниот пат што води кон Бугарија, се забележани и поголеми одрони
Невреме проследено со град, денеска попладне го зафати делчевскиот регион. Во селото Очипала граѓани информираат дека градот бил со големина на лешник, а паѓање на град е регистрирано и во неколку останати села.

„Во село Очипала врнежите од град беа нешто поголеми од форма на крупен лешник. Од штети првично може да констатираме дека е забележливо оштетување кај компирот и гравот. Врнежите потоа беа мешани во комбинација на град и обилен дожд“, вели Драго Ристовски, жител на селото Очипала.

Врнежи од град со големина на орев се регистрирани и на планината Голак, каде освен оштетување на градежни материјали и возила, поголеми штети не се забележани.

„Големи штети овде нема бидејќи сме во планина, освен штетите на возилата и дел од лимаријата“, вели Стево Богдановски, кој се наоѓал кај својата викендичка на Голак.

Поради обилните врнежи попладнето во Пијанец се вози по влажни коловози, а како што јавуваат возачи, регистрирани се и поголеми одрони долж патниот правец Делчево – М.Каменица, кој е дел од магистралата А3.