Во тешка сообраќајна несреќа во која учествуваше полски автобус животот го загубија 12 лица, 19 се тешко повредени, а 13 се полесно повредени, изјави хрватскиот министер за здравство Вили Берош, кој дојде во болницата во Вараждин да ги посети повредените.
По посетата на пациентите кои се лекуваат во таа болница, министерот Берош ќе ја посети и болницата во Чаковец, а потоа и загрепските болници во Дубрава, КБЦ Ребро и Трауматолошката болница.
На местото на несреќата, која се случи околу 5 часот и 40 минути кога автобусот слета надвор од коловозот на автопатот во правец кон Загреб, на лице место загинале 11 лица, а повредените се пренесени во болниците во Вараждин, Загреб и Чаковец. Едно од повредените лица потоа починало како последица на повредите во загрепската болница.
Како што беше утврдено, сите жртви се полски државјани. Тие оделе кон Меѓугорје. Според информациите на полските медиуми, меѓу патниците во автобусот имало и 3 свештеници и 6 калуѓерки.
На местото на настанот излегол заменик жупанискиот државен правобранител во Вараждин кој во соработка со полициски службеници врши увид. Сообраќајот на делницата од автопатот во правец кон Загреб, од клучката Брезнички Хум до клучката Комин се одвива по една коловозна лента.