На фреквенција на националната телевизија Сител стартува новиот телевизиски и интернет проект „Подобро… Здравје“! Овој телевизиски формат, кој ќе се емитува секој викенд, во сабота и недела од 15.15 часот има за цел да промовира здрави навики и концепт на здрав живот, исклучиво преку докажани и реномирани доктори, врвни специјалисти и еминентни професори од нашата земја и странство…

Кога е во прашање нашето здравје нема компромис… наместо непроверени и чудотворни лекови од интернет, каде што се нуди се и сешто и се лечи буквално се, во овој проект на гледачите им нудиме проверена и сигурна информација, преку соработка со докажани и меѓународно признати експерти. Подобро… Здравје има за цел на гледачите да им понуди научна перспектива, искуства но и алтернативни признати пристапи – вели Александар Блажевски автор и водител на емисијата.

Емисијата ќе се емитува од големо студио по сите светски стандардни за овој тип на проекти и често ќе има јавувања во живо од различни балкански и европски центри. Во неа според концептот, ќе говорат и пациенти, за нивните искуства, проблеми и решенија…

Сосема нешто ново кога станува збор за емисиите за здравје кај нас и пристапот на овие многу важни теми. Кратко јасно и со факти. Тоа е мотото! Паралелно го развиваме и моделот на интернет преку порталот mk кој наскоро ќе им овозможи и директна комуникација на пациентот со посакуваниот доктор, кој не можат да го закажат во клиниката или преку Мој Термин, а ќе можат да се најдат и информации за кои нема доволно простор во самата емисија… – додава Блажевски.

Тв проектот Подобро.. Здравје е во продукција на Бекстејџ Медија и Телевизија Сител на него ќе работи екипа од дваесетина телевизиски и уште толку медицински лица, кои секоја сабота и недела од 15.15 ќе се обидат да ги детектираат најгорливите проблеми во нашиот здравствен систем…