Најновите доверливи документи на Пентагон кои протекоа во петокот и почнаа да циркулираат низ социјалните мрежи даваат детална слика за војната во Украина.

Дополнети со временски линии и десетици непробојни воени акроними, документите, некои од нив означени како „строго доверливо“, раскажуваат за жртвите претрпени од двете страни, за воената ранливост на секоја од нив и, што е најважно, за тоа какви ќе бидат нивните релативни сили кога Украина ќе одлучи да ја започне својата долгоочекувана пролетна офанзива.

Некои од документите се стари дури 6 недели, но импликациите се огромни. Во дел од нив има детални извештаи за обуката и опремата што и се обезбедуваат на Украина, која составува десетина нови бригади за офанзива што може да започне во рок од неколку недели. Бригадите треба да се подготвени, што значи дека треба да ја поседуваат воената опрема, тенкови, оклопни возила и артилериски парчиња што ги обезбедуваат западните сојузници на Украина. Но, се истакнува дека „времето на испорака на опремата ќе влијае на обуката и подготвеноста“.

Во протечените документи се вели и дека украинската противвоздушна одбрана би можела да остане без проектили за неколку недели.

Вистинитоста на документите е потврдена и од претставници на Пентагон. А од нив, меѓу другото, се заклучува дека Вашингтон не верува никому, па ни на сопствените сојузници бидејќи документите покажуваат дека „не само што Американците имаат моќ на продирање во руските воени и безбедносни структури, туку ги шпионираат и самите Украинци, и, на пример, и Јужнокорејците“ пишува Њујорк Тајмс.

Весникот додава дека постојат сомнежи меѓу сојузничките сили во врска со капацитетите на Вашингтон да ги чува сопствените тајни.

Америка е во потрага по лицето одговорно за неодамнешното протекување на доверливи воени и разузнавачки информации, за кои западните безбедносни експерти и американските официјални лица веруваат дека е лице од САД.