Во скопска Пинтија сега ништо не ја прекинува тишината. Ниту трага нема од синоќешниот ужас кој се случил во еден од дворовите во соседството.

Само соседите имаат да кажат по некој збор зад камерите, за да споделат колку се длабоко потресени по сѐ што се случило. Знакот „пази куче“ кој е воочлив на влезот од дворот на сопственикот на кучето сега е асоцијација за убиството зад портите. Осумгодишно дете го загуби животот на најсвиреп начин, со тешки повреди на главата и вратот. Искр варело на пат до болница, објави телевизија ТЕЛМА.

„Во текот на вчерашниот ден, во 17:20 часот во нашата болница е донесено осумгодишно деете со сериозни повреди во пределот на главата и вратот, нанесени од каснување од куче. Во моментот на прием, детето е без знаци на живот и без срцева акција. Направен е обид за реанимација, за жал неуспешен. Во моментот на прием немало видливо крварење, со комплетно престанување на срцева акција, пулс, без дишење. Веднаш е интубирано и направен е обид за воспоставување на дишни патишта и срцева акција со масажи, меѓутоа безуспешно, вели Д-р Љубен Арсенков – Директор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Додека медиумите го документираа местото на трагедијата, роднини на починатото дете постојано пристигнуваа да изразат сочувство. Разбирливо, не беа расположени за да дискутираат за детали за трагедијата, но нѝ кажаа дека детето често си играло со кучето откако пред четири години со неговото семејство се доселиле да живеат во Пинтија.

Двете семејства имале одлични меѓусоседски односи, а осумгодишното дете често имало контакти со кучето, се до вчерашниот напад, кој за него бил кобен.

Според очевидци на местото на инцидентот доцна синоќа излезен бил јавен обвинител и екипи на МВР кои се обиделе да го заловат разбеснетиот миленик за кој сопственикот имал соодветна документација.

Извори од истрагата за Телма информираат дека сопственикот на англискиот бул мастиф вчеравечер веднаш бил повикан на информативен разговор во полициската станица.

„Вчера, околу 18:25 часот од УК за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ е добиена пријава дека кај нив е донесено малолетно лице, дете на осумгодишна возраст коешто подлегнало на повредите по напад од куче. Веднаш е известен и надлежен јавен обвинител по чијашто наредба телото е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – Тони Ангеловски – Помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека кучињата кои биле во дворот веќе се под надзор на ветеринар и во следните денови ќе се трага по одговорите дали имале беснило.

„Со контролата се испитува и дали сопственикот на кучињата ги испочитувал одредбите од законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните и за здравствената заштита и благосостојба, односно дали се испочитувани условите пропишани во актуелната Годишна наредба за здравствена заштита на животните и условите за држење на кучињата од страна на сопственикот“ – Агенција за храна и ветеринарство.

📸

📸

📸

📸

📸

📸

📸

📸

📸

📸