Вработен во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ вчера починал при извршување на работата, кога го потиснал контејнер, а потоа го повлекла хидрауликата и го пригмечила. Според извори меѓу колегите на починатиот А. С. (43), присутните работници се уште се во шок. Биле немоќни да му помогнат на колегата кого го повлекла хидрауликата за повлекување и гмечење на сметот.
Директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди несреќата.
„Да, точно е дека почина наш вработен. Го чекаме извештајот од Судска медицина кој треба да ни ги каже причините за смртта“, ни изјави директорката Мазнева.
Скопското јавно обвинителство отвори предмет за несреќата. МВР во својот билтен на настани соопшти дека вчера (петок) во 09.14 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на булевал 11 Октомври, при извршување работни задачи, А. С. (43) од Скопје вработен во ЈП „Комунална хигиена“ добил повреди и починал на местото.
„Смрт констатил лекар од Итна медицинска помош, а увид извршила екипа од СВР Скопје. За настанот бил известен трудов инспектор и по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција“, кажа полицијата.