Повеќето од кражбите беа дрски, дури и едноставни. Измамниците ги користеле бројките за социјалното осигурување на починати луѓе и на федералните затвореници за да добијат бенефиции за невработеност. Измамниците ги собрале овие бенефиции во повеќе држави, а барателите на федерален кредит не биле вкрстено проверени во базата на податоци на Министерството за финансии.

Криминалците и бандите ги грабнале парите. Но, истото го направил и еден американски војник во Џорџија, свештеници на непостоечка црква во Тексас, поранешен парламентарен претставник во Мисури… Сето ова доведе до најголемата измама во историјата на САД. Крадците ограбија милијарди долари од федералната помош за Ковид-19, наменета за борба против најлошата пандемија во последните 100 години и за стабилизирање на економијата во слободен пад.

Анализата на Асошиејтед прес покажа дека измамниците украле повеќе од 280 милијарди долари помош за Ковид-19; уште 123 милијарди долари биле бесцелно или погрешно потрошени. Севкупно, загубата претставува 10% од 4,2 трилиони американски долари, колку што американската Влада ги исплати досега како помош за пандемијата. Тој број сигурно ќе расте додека истражителите копаат подлабоко во илјадниците потенцијални случаи.

Обвинети 2.230 осомничени

Како можело да се украде толку многу? Истражителите и надворешните експерти велат дека американската Влада, во обид брзо да потроши трилиони долари во хуманитарна помош, направила премал надзор во раните фази на пандемијата и вовела премалку ограничувања за подносителите на барања. Накратко, велат тие, измамата била премногу лесна.

„Тоа беше бесконечен фонд на пари до кој секој можеше да пристапи. Луѓето се залажуваа мислејќи дека тоа е општествено прифатлива работа, иако тоа не е легално“, рече Ден Фрухтер, шеф на одделот за измами и криминал во Канцеларијата на државниот обвинител во источниот округ на Вашингтон. Владата на САД обвини повеќе од 2.230 осомничени за измама поврзана со пандемијата и спроведува илјадници истраги.

Поголемиот дел од ограбените пари биле украдени од трите големи иницијативи за пандемиска помош, започнати за време на администрацијата на Трамп, а кои беа наследени од претседателот Џо Бајден. Овие програми се направени да им помогнат на малите бизниси и невработените да го преживеат економскиот пад предизвикан од пандемијата.

Епидемија на измами и матни трансакции

Сите овие кражби, големи и мали, илустрираат епидемија на измами и матни трансакции во време кога Америка се бореше со преполни болници, затворање училишта и затворени бизниси. Од почетокот на пандемијата во 2020 година, повеќе од 1,13 милиони луѓе во САД починаа од Ковид-19, според податоците од Центрите за контрола и превенција на болести.

Мајкл Хоровиц, главниот инспектор на американското Министерство за правда, кој претседава со федералниот Комитет за одговор на пандемијата, изјави пред Конгресот дека „очигледно се работи за десетици милијарди долари“ и дека измамата на крајот може да надмине 100 милијарди долари.

Хоровиц потврди за АП дека останува при таа проценка, но нема да биде сигурен за бројката додека не добие поконкретни податоци: „Се двоумам да одам предалеку во проценката, но јасно е дека станува збор за огромна сума и дека конечната пресметка ќе трае со години“.

Мајк Галдо, вршител на должноста директор на агенцијата за борба против измами во случаите со Ковид-19 при американското Министерство за правда, рече: „Тоа е невидено количество на измама“.

Пред да ја напушти функцијата, поранешниот американски претседател Доналд Трамп одобри итни мерки за помош во вкупна вредност од 3,2 трилиони долари. Планот на Бајден да ја спаси Америка за 2021 година дозволи трошење на дополнителни 1,9 трилиони долари. Околу една петтина од 5,2 трилиони долари допрва треба да се исплатат. Никогаш не била толку брзо инјектирана федерална итна помош во американската економија. „Најголемиот спасувачки пакет во американската историја“, изјави американскиот генерален контролор Џин Додаро во Конгресот.

Грешки тешки милијарди

Големиот обем на тој пакет ги прикри грешките вредни милијарди долари. На пример, програмата на американската Даночна управа од 837 милијарди долари, успеа во 99 отсто случаи да испрати чекови за економски стимул на подобните даночни обврзници. „Сепак, таа стапка на неуспех од 1% значи дека речиси 8 милијарди долари отишле на неовластени лица“, изјави за АП главниот инспектор на Министерството за финансии.

Портпарол на Даночната управа рече дека неговата агенција не се согласува со сите бројки наведени од главниот инспектор и истакна дека дури и ако бројките се точни, загубата претставува мал дел од буџетот на програмата.

Здравствената криза ја доведе Управата за мали бизниси (СБА), агенција која вообичаено добива мало внимание, во улога без преседан. Во седум децении пред пандемијата, на пример, на СБА и се доделени 67 милијарди долари заеми за случаи на катастрофи.

По избивањето на пандемијата, на Управата и е доделено да управува со две масивни програми за помош – програма за заеми при економски катастрофи и програма за заштита на платите, кои ќе пораснат на повеќе од трилион долари. Вработените во СБА мораа брзо да исплатат пари за да им помогнат на компаниите и нивните вработени во неволја. Ковид-19 го поттикна темпото на СБА кон олимписки спринт. Во периодот меѓу март 2020 година и крајот на јули 2020 година, агенцијата одобри 3,2 милиони заеми за економски проблеми предизвикани од Ковид-19 во вкупна вредност од 169 милијарди американски долари, додека во исто време спроведуваше голема нова програма за заштита на платите.

Самопотврдување

Заштитните мерки за федералните пари беа отфрлени набрзина. На потенцијалните заемопримачи им беше дозволено да „самопотврдат“ дека нивните побарувања се вистински. Законот за CARES, исто така, и забрани на СБА да ги прегледува записниците на даночните пријави што можеше да ги отстрани сомнителните или неовластени апликанти, одлука што на крајот беше поништена кон крајот на 2020 година.

„Ако отворите прозорец на банката и кажете, дајте ми ја вашата апликација и само ми ветите дека навистина сте тој што тврдите, привлекувате многу измамници и тоа се случи овде“, рече Хоровиц.

Канцеларијата на главниот инспектор на СБА ја процени измамата во Програмата за заеми во случај на економски катастрофи на 86 милијарди долари, а во Програмата за заштита на платите на 20 милијарди долари. Се очекува инспекторите да ги објават ревидираните бројки за загубите во наредните недели, кои најверојатно ќе бидат многу повисоки.

Главниот инспектор на СБА, Ханибал Вер, одби да каже каква ќе биде новата проценка за измама за двете програми: „Тоа ќе биде фер бројка, која мојата канцеларија може 1000% да ја брани, целосно поддржана од нашата криминална истрага“.

80.000 случаи

Вер и неговиот персонал се преплавени со ревизии и истраги поврзани со пандемијата. Канцеларијата има повеќе од 80.000 нерешени случаи, што е близу 100 години работа.

Студијата од 2022 година, спроведена на Универзитетот Тексас во Остин, откри речиси пет пати повеќе сомнителни заеми за заштита на платите отколку што претходно беше пријавено од главниот инспектор на СБА. Истражувањето предводено од професорот за финансии Џон Грифин открило дури 117 милијарди долари во сомнителни и можеби лажни заеми, наведувајќи индикатори како што се нерегистрирани компании и повеќекратни заеми на иста адреса.

Хоровиц, претседател на надзорното тело за пандемијата, го критикуваше неуспехот на владата навремено да ја користи базата на податоци „Не плаќај“ при Министерството за финансии, која е создадена да спречи владините пари да завршат кај суспендирани договорни изведувачи, бегалци, криминалци или луѓе осудени за даночно затајување. измама. Тие контроли, рече Хоровиц, можеле да се направат брзо.

„Приказната дека има само два избора е невистинита. Претпоставувам дека едниот избор е веднаш да ги извадат парите, а другиот е да поминат недели и месеци обидувајќи се да откриете кој има право на тоа“, рече Хоровиц.

За помалку од неколку дена, најмногу една недела, рече Хоровиц, СБА можел да идентификува илјадници апликанти кои немале право на помош. „24 часа? 48 часа? Дали тоа навистина би ја променило програмата? Мислам дека не. А таму имало податоци што никој не ги проверувал“, нагласи Хоровиц.

115 милијарди долари по грешка отидоа кај погрешни луѓе

Пандемијата на коронавирусот ја втурна американската економија во кратка, но катастрофална рецесија. Стапките на невработеност достигнаа двоцифрени бројки и Вашингтон испрати стотици милијарди долари во државите за да им помогне на оние кои одеднаш останаа без работа. Тоа беше идеална можност за измамниците. Многу од тие агенции за невработеност користеа застарени компјутерски системи или имаа недоволно персонал за да спречат исплати на лажни барања.

„Да, сојузните држави беа преоптоварени. Системите беа недоволно финансирани. Тие не беа отпорни. И би рекол, тие беа ранливи на софистицирани напади од страна на измамници“, рече Брент Партон, вршител на должноста помошник секретар на Управата за вработување и обука при Министерството за труд на САД.

Според сведочењето на главниот инспектор при Министерството за труд Лери Тарнер, измамите во програмите за помош на невработените во пандемијата изнесува 76 милијарди долари. Тоа е конзервативна проценка. Дополнителни 115 милијарди долари по грешка заминале кај луѓе кои не требало да добијат бенефиции.

Задачата на Тарнер да ги идентификува сите измами со пандемиското осигурување за невработеност беше комплицирана поради недостатокот на соработка од федералната Затворска управа, според септемврискиот „предупредувачки допис“, издаден од неговата канцеларија. Измамниците ги користеле броевите од социјалното осигурување на затворениците со цел да украдат милиони долари бенифиции.

Неговата канцеларија се уште не знае точно колку е украдено на тој начин. Затворската управа одби да обезбеди тековни податоци за федералните затвореници.

Би можеле да работиме до 2030 година

„Имаме доволно случаи и траги за да работиме до 2030 година. Но, моето искуство ми кажува дека веројатно ќе има други приоритети што ќе се појават и ќе треба да се решат. За жал, немаме посебна единица во нашата канцеларија за измами во врска со пандемијата“, рече Фрухтер, федерален обвинител во источниот округ Вашингтон.

Конгресот се уште нема донесено мерка со која на обвинителите ќе им се дадат дополнителни пет години да ги следат измамниците во врска со бенефициите за невработеност. Ова го загрижува Тарнер од Министерството за труд. Тој му напиша на Конгресот во извештај кон крајот на мај, дека луѓето кои ги злоупотребувале придобивките би можеле да ја избегнат правдата.

Официјалниот претставник на Белата куќа Сперлинг рече дека секоја идна криза која ќе бара владина интервенција не мора да биде избор меѓу помош на луѓето во неволја и спречување на измамниците: „Стратегијата за превенција значи дека во криза можете да се фокусирате на брза помош за луѓето без да чувствувате дека може да ја постигне таа брзина само со отстранување на здраворазумските заштитни механизми против измами“.