(Интервјуто е објавено кон крајот на месец февруари годинава за порталот Хаштаг, а по повод победата синоќа, ние ви го пренесуваме во целост). Уште при самото појавување на големата сцена во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Град“ го освои регионот. Славица Ангелова, во оваа сезона се запиша како прв кандидат кој освои максимален број гласови во првиот круг, а имаше и зошто – сите беа воодушевени од нејзините вокални способности.
20-годишната струмичанка освен што од мали нозе пее, во моментот е студент по медицина. Студира во Софија, па така често е принудена да патува во Белград, па во Софија, за на крајот да стигне во родната Струмица и да ги види своите најблиски. Славица си ја отвори душата и за Хаштаг зборуваше за предизвиците кои ѝ ги донесе натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“, очекувањата, но и во која професија се гледа во иднина.
# Се натпреваруваше во „Неки нови клинци“, но како дојде на идеја да се пријавиш во „Ѕвездите на Гранд“?
– Музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ е голем предизвик за секој пејач, па така и за мене. Иако веќе сум била на таа сцена, сепак „Ѕвездите на Гранд”е далеку посериозно музичко шоу за кое многумина сонуваат да бидат дел од него. Идејата и желбата да се пријавам постои уште од мала и во моментот го исполнувам својот сон. Знам дека е вистинското време и шанса да успеам во тоа што го сакам, без разлика до каде ќе стигнам во текот на натпреварувањето. Многу ми значи да се претставам во најдобро светло пред публикатата. И верувам дека публиката тоа го препознава.
# Во оваа сезона се издвои уште во самиот почеток и тоа како прва кандидатка која освои 8 гласови при првото појавување. Колку тоа ти значеше во тој момент?
– Во мометот кога ги добив гласовите не знев дека сум првата која има освоено 8 гласови. Навистина многу ми значи тоа, огромна мотивација и за понатамошниот тек на натпреварувањето. Навистина сум пресреќна што сите ме поддржаа, а тоа дополнително позитивно влијае на мојата самодоверба на сцената.
# Долго време се двоумеше дали да ја одбереш Марија или Ѓорѓе за ментор. Што е она што пресуди?
– Ги обожавам и почитувам и двајцата, тие се докажани музички имиња кои го негуваат стилот во кој се пронаоѓам јас. Ги слушам, сакам и ги пеам нивните песни… Но, во тој момент имаше нешто што потајно посакував да бидам дел од тимот на Ѓорѓе, неговата музика е многу поблиска до мојот сензибилитет, па затоа мислам дека пресудната точка беше рок музиката која што ја слушам уште од мали нозе. Знам дека ја донесов правилната одлука. Едноставно знаев дека припаѓам во тој тим и дека таму ми е местото. Ја послушав мојата интуиција и не погрешив. Тој е најдобриот, најпосветениот ментор кој неуморно работи со нас натпреварувачите, го дава својот максимум да нè научи како да се однесуваме, не само на сцена, туку генерално и во секојдневниот живот. Човек од кој може да се научи многу, и професионално и приватно.
# Кој е првиот совет кој го доби од Ѓорѓе?
– Морам да откријам дека секоја проба ни започнува со разговор, советување и споделување на многу искуства, од секоја проба добивам многу совети кои ми ги дава и кои многу ќе ми користат понатаму, како во музичкиот, така и во приватниот живот. Не можам да издвојам посебно еден совет, бидејќи сите ми се значајни, а јас се трудам постојано да ги применувам и со тоа да ги подобрувам моите перформанси.
# Во вториот круг исто така успеа да добиеш максимален број на гласови. Дали Ѓорѓе беше оној кој пресуди што да пееш или овие две песни беа твој предлог?
– Се радувам што постои обострана соработка, песните ги бираме заедно. Сите натпреварувачи даваат свои предлози, и во текот на пробите се одлучуваме за која песна да се пее. Конкретно во вториот круг песните беа предложени од мојот ментор, иако првата песна веќе ја имав во мојот репертоар. Интересно е тоа што сите натпреварувачи сме заедно на пробите, си помагаме во изборот на песните. Но, последниот збор го има Ѓорѓе како ментор кој најдобро знае што е најдоброто за нас, што најмногу ни одговара… И досега сите песни се покажале како успешен избор, што навистина е многу значајно за мене.
# Во интервјуто за Женски магазин, твојот ментор посочи дека веќе те гледа во финалето, но и како победник на оваа сезона. Дали ова ти го има кажано и лично и кои се твоите очекувања?
– Оваа изјава многу ми значи, и се надевам дека нема да го изневерам и разочарам во однос на довербата која ја има стекнато во мене. Се чувствувам одговорно и така пристапувам кон оваа музичко шоу. Навистина многу вложувам во себе, многу вежбам и секој момент го користам да слушнам нешто ново од музичкиот свет, нешто што би можела да го искористам за уште повеќе да се истакнам во ова шоу. Ѓорѓе секогаш пристапува реално, објективно и критички кон сите нас, без да ни дава лажни надежи. А, за нас како млади изведувачи е особено значајно да имаме реална слика за себе, бидејќи само така може да се подобруваме.
# Студираш медицина, па оттука се наметнува и прашањето како успеваш да ги поврзеш музиката и студиите? Како успеваш да ги усогласиш ангажманите поврзани со натпреварувањето и оние кои ги имаш на факултет?
– Па да, медицината и музиката се навистина интересна и забавна комбинација, никогаш не ми е досадно, се чувствувам многу исполнето и уживам во тоа како работам на себе и се градам на двете полиња… И двете професии бараат многу вложување, но кога се сака се може сè. Во моментот живеам еден динамичен и брз живот, во кој многу често патувам. Бидејќи студирам во Софија, многу често патувам на релација Софија-Белград-Струмица. Сето тоа подразбра навистина исполнет распоред, но јас така се чувствувам најпродуктивно, едноставно затоа што се пронаоѓам и во двете сфери, тоа сум јас во различни светови.
Некако досега Господ е на моја страна и сите работи ми се поставени по некој редослед.
# Со која професија би сакала да се занимаваш во иднина – музика или медицина?
– Многу често ме прашуваат – што понатаму? Во моментот ако треба да изберам не би можела, мислам дека во животот ништо не се случува случајно и сум сигурна дека животот ќе ми ги отвори вистинските патишта и одговори на прашањето – што понатаму? Само едно знам дека човек треба да си постави една цел за која ќе се бори да ја достигне. За тоа треба многу сила, труд, дисциплина, амбиции и цврста верба дека ќе може да успее во тоа. А, јас силно верувам и се борам за мојата цел.
# Од кој добиваш најголема поддршка?
– Среќна сум што покрај мене секогаш ги имам мојот брат, моите родители, целото мое пошироко семејство и сите мои пријатели кои во секој момент стојат позади мене и ме бодрат…Тоа ми дава храброст и во најтешките, но и во најсреќните моменти. Многу ми значи што секогаш се објективни и ми помагаат во тоа секогаш да ја претстават мојата најдобра верзија. И најубаво од сѐ е кога со секој нареден успех, со нив ја споделувам мојата среќа. Со нив мојата радост и успеси се комплетни.