На социјалните мрежи се споделува видео на кое се гледа брутална пресметка на две семејства во Келн. На видеото кое го снимил жител во квартот Мерхајм додека викал полиција, се слушаат извици, пцовки, се гледа тепачка, но и маж кој меѓу другото вика: Сите умирате!. Босански „Аваз“ пишува дека станува збор за семејства од Балканот.
Портпаролот на полицијата потврди дека тепачката ескалирала пред неколку вечери на улицата Винтербергер. Друго видео покажува како поединци се вооружуваат, вклучувајќи бејзбол палки и палки. Во едно видео две жени гласно си довикуваат и се навредуваат на германски јазик.
Токму кога се чинеше дека ситуацијата се смири, на видеото се гледа како црно БМВ со голема брзина се движи кон човек и го удира.
– Човекот „летнал“ во воздух и паднал на хаубата. Остана извесно време да лежи, но подоцна стана – пишува германски Експрес, цитиран од Феникс-магазин.
Набргу потоа на местото на настанот пристигнала полиција со седум патролни возила и ја ставила ситуацијата под контрола. Според полицијата, возачот на БМВ-то е 27-годишен маж. Тој е уапсен на местото на настанот и приведен во полициска станица. Тој подоцна е пуштен со кривична пријава и ќе одговара за нанесување опасна телесна повреда и загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Кривична пријава доби и оштетениот, 32-годишен маж, за нанесување тешка телесна повреда. Тој наводно бил еден од главните актери во конфликтот меѓу овие две семејства. Меѓу другото, откако во него удрил автомобил, се заканил дека ќе пука со огнено оружје, но полицијата не му нашла оружје.