Милица Гелева (69) од неготинско Тимјаник, која два дена беше изгубена во соседна Грција, пристигнала во својот дом и е во добра состојба. Веста за ,,Фокус” ја потврди нејзината внука Авгинија, која живее во Грција, и која прва алармираше на социјалните мрежи дека не знаат каде е тетка и, и трагаат по неа.
-Се слушнавме, ми кажа дека е добро, дека ќе прилегне да одмори. Не ја распрашував премногу, подоцна ќе се слушнеме пак. Два дена постојано ја баравме, откога ја испратив да си оди. И појаснивме каде треба да излезе од автобусот, каде и кога има брод, но ете, не знаеме како, најверојатно се изгубила.
Во ова време кога туристичката сезона е во полн ек, кога има премногу народ, нормално е дека бевме исплашени и загрижени, бидејќи не знаевме што и се случило. Сега, кога ја слушнав, кога веќе си е во домот, на сите ни падна огромен товар од рамена – вели внуката.
Раскажува дека тетка и не е млада жена, имала тежок живот, изгубила сопруг, син и зет, па таа ја повикала на гости, малку да промени средина и да се одмори од секојдневието. Се заблагодари на јавноста и на медиумите за помошта, како и за покажаната грижа и порача дека во иднина сите ќе бидат многу повнимателни.