Мечка гризли усмртила туристка којашто кампувала во шатор во село во сојузната држава Монтана, САД. Како што пренесува Би-Би-Си, трагедијата се случила среде ноќ, а останатите кампери не успеале да пристигнат навреме за да ја спасат жената.
Леа Дејвис Локан (65), медицинска сестра од Калифорнија, искусен велосипедист, била со нејзината сестра и една нивна пријателка на долго патување со велосипеди.
Застанале во едно село за да ја поминат ноќта во природа, но наскоро се појавила мечката којашто се приближила до шаторите. Верувајќи во моќта на спрејот против диви животни, тие решиле да останат на тоа место, но мечката се вратила и ја усмртила жената.
Надзорните камери снимиле мечка тешка околу 180 килограми, која ноќе барала храна во селото и нападнала кокошарник од каде изела неколку кокошки.
Локалните власти веќе изолирале ДНК од мечката и тврдат дека ќе ја споредат со онаа од мечките кои ќе бидат заловени во околината. Ренџерите поставиле замки и со хеликоптер ја пребаруваат областа.
Во последниве години, гризли мечките се сè поголемо зло во Северните карпести планини, бидејќи тие се заштитени со закон, размножувајќи се и ширејќи се на нови области каде сè повеќе луѓе се желни за авантури.