Филип Деген, менаџерот на ганскиот фудбалер Рафаел Двамена, откри неколку шокантни детали за смртта на неговиот клиент која го потресе фудбалскиот свет.

Двамена почина на 28-годишна возраст откако колабираше на теренот пред два дена на албанскиот натпревар меѓу Игнација и Партизани. Откриено е дека фудбалерот од Гана претходно имал големи проблеми со срцето поради што два пати колабирал на теренот.

Срцевите проблеми го спречија да направи трансфер на кариерата во англискиот премиерлигаш Брајтон, но тој не сакаше да се откаже од фудбалот.

Неговиот менаџер Филип Деген откри дека Двамена сам го отстранил дефибрилаторот пред две години затоа што сакал да игра фудбал, што е нешто што најмногу го сакал во животот.

– Тој го отстрани дефибрилаторот во Цирих и рече дека „не и верува на технологијата, туку само на Бог, рече Деген.

– Сите му велеа да се откаже од фудбалот. Го сакав Двамена како мојот син, тој беше прекрасна личност, но едноставно, не сакаше да се вразуми. Имаше многу опции да остане во фудбалот, можеше да стане менаџер или фудбалски амбасадор. Го молевме да престане бидејќи срцето му беше се послабо и послабо. Носеше темпирана бомба во себе, изјави Деген и додаде:

– Секој друг човек би се плашел за своето здравје во таква состојба, но не и Двамена кој верувапе само во Господ, објасни поранешниот швајцарски репрезентативец.

Да потсетиме, напаѓачот од Гана во текот на животот зборуваше за проблемите со срцето.

„Ако умрам, тоа е божја волја. Ме нема и толку. Заборавено. Луѓето ќе бидат тажни неколку часа, можеби дури и неколку недели, но ќе го преболат тоа и ќе продолжат понатаму. Не го живеам мојот живот за да им угодувам на другите. Само на Господ, изјави Двамена минатата година во интервју за швајцарскиот „Ноје Цирхер Цајтунг“.