Кристина Фокс од Охајо морала да и ги ампутираат рацете и нозете откако се заразила со грип, кој подоцна преминал во бактериска инфекција и сепса, пренесува People. Мајката на две деца имала 38 години кога се разболела од грип во март 2020 година. Таа отишла во итната медицинска помош каде открила дека се разболела од грип и ѝ го дале лекот Тамифлу, по што лекарите ја испратиле дома. Меѓутоа, во текот на следниот ден нејзината состојба само се влошила.

– Мојата најдобра пријателка ми испрати порака и ме праша како се чувствувам. Ѝ кажав дека се чувствувам како да умирам и тоа беше последната порака што ја доби од мене – се присетува Фокс. Два часа подоцна, таа стапила во контакт со пријателка кој е медицинска сестра за да дојде да ги провери нејзините витални параметри.

– Дојде и рече дека мора итно да одиме – рекла Фокс, која се вратила во итната медицинска помош неполни 24 часа по првата посета на лекар.

Како што вели, после тоа не се сеќава на ништо бидејќи нејзиното тело доживеало септичен шок и станало модро. Лекарите ја ставија во медицински индуцирана кома бидејќи веруваа дека нешто ја маскира инфекцијата, но никој не потврди дека станува збор за сепса до следниот ден.

Сепсата е сериозна состојба во која телото неправилно реагира на инфекција. Може да премине во септичен шок, што предизвикува екстремен пад на крвниот притисок што може да ги оштети белите дробови, бубрезите, црниот дроб и другите органи. Во случаи кога штетата е сериозна, може да предизвика смрт.

Според статистичките податоци на Центрите за контрола и превенција на болести, во текот на една година најмалку 1,7 милиони возрасни луѓе во САД развиваат сепса, а речиси 270.000 умираат од инфекција.

– Ми рекоа да се подготвам за губење на екстремитетите бидејќи ме ставија на толку вазопресори – продолжува Фокс.

Според Националниот институт за здравје, вазопресорите се лекови кои предизвикуваат зголемување на крвниот притисок и може да предизвикаат значителен вазоспазам со потенцијален недостаток на снабдување со крв во повеќе делови од телото, вклучувајќи ги горните и долните екстремитети.

Фокс вели дека првично лекарите мислеле дека ќе изгуби неколку прсти на рацете или нозете, но тоа не било ни блиску до она што се случило. На крајот на март мораше да и ги ампутираат нозете под колената. Состојбата на нејзините раце се влошувала со текот на времето, па на почетокот на април и биле ампутирани рацете до под лактите.

– Во индуцирана кома го прославив 39-от роденден. Целото искуство беше надреално. Отидов во итната помош со лош грип и се разбудив без раце и нозе среде глобална пандемија – објаснува Фокс.

Таа се присетува како сите лекари околу неа носеле маски, што на почетокот ја исплашило бидејќи не знаела што се случило. Со текот на времето, таа храбро ја прифати својата нова реалност.

– Нема ништо што ќе го промени ова. Никогаш нема да ги вратам рацете и нозете. Значи, се работеше за „борба или бегство“ и уште од првиот момент разбрав дека мојот живот засекогаш се смени – раскажува таа.

По неколку недели, Фокс успеала да ја напушти болницата и да ги види синот Лендон и ќерката Лајкен за прв пат по неколку месеци. Како што вели, прво не сакала нејзините деца да и ги видат раните, па и ги завиткале рацете и нозете.

– Останав покриена. Во еден момент, син ми му кажа на мојот сопруг дека знае за рацете на мама. Ги видел преку Зум – вели Фокс.

Таа мораше да помине 12 недели физикална терапија, која траеше околу три часа на ден, во Институтот за рехабилитација на Медицинскиот центар на Универзитетот во Питсбург во Пенсилванија.

– Морам да го преболам ова бидејќи морам да бидам мајка на моите деца. Тие можеа да ја оплакуваат мојата смрт. Не се случи тоа. Секојдневно морам да се борам на терапија за да бидам мајка која им треба – смета таа.

Иако првенствено беше загрижена за своите деца, таа размислуваше и за поширокото влијание на нејзиното закрепнување.

-Вработена сум како администратор, имам студенти кои ме гледаат, пријатели на моите деца, внуци и внуки – Имам многу млади очи кои ме следат. Начинот на кој реагирав на крајот ќе го одреди исходот од нивното размислување за тоа – објаснува Фокс.