Момче (16) од унгарскиот град Шимег, изврши самоубиство откако, како што се наведува, со месеци бил жртва на врсничко насилство.
Шеснаесетгодишниот Иштван имал проблем со вишокот килограми, поради што често бил на мета на своите врсници на училиште. Неколку момчиња редовно го малтретирале, а наводно барем еднаш ги снимиле како го исмејуваат Иштван. Се верува дека сето тоа довело до трагедијата и дека врсничкото насилство е причината поради која Иштван се фрлил под воз на 6 ноември.
Полицијата веднаш покренала истрага за трагедијата, а машиновозачот рекол дека го видел детето како оди покрај пругата и дека кога возот бил на само неколку метри, истрчал на пругата. За жал, машиновозачот не успеал да застане, а детето останало мртво на лице место.
Следела опсежна истрага при која било утврдено дека тинејџерот претрпел врсничко насилство, а најмалку четворица негови врсници го малтретирале, го давеле на сред улица и сето тоа го снимиле. За жал, момчето не се пожалило на ниту еден од членовите на семејството за претрпено насилство.
“Никогаш повеќе нема да го видам да се насмевнува. Никогаш не ни кажа дека го малтретираат на училиште… Да ни кажеше, ќе можевме да го префрлиме во друго училиште”, рекла неговата баба во солзи.
Урната со посмртните останки на Иштван денеска беше положена на локалните гробишта, а илјадници луѓе дојдоа да го испратат на вечното почивалиште.
Дојдоа неговите другари од детството, од неговиот клас, дури и директорот на училиштето. Откако била положена урната, семејството не сакало да прими сочувство и ги напуштило гробиштата.
„Иштван секогаш беше насмеан, весел и кога работите му беа тешки. Не го заслужи ова, имаше чисто срце“, вели еден од неговите пријатели.
Наводно, денеска на гробиштата имало и обезбедувачи, кои биле ангажирани во случај да се појават членовите на семејството на децата кои го малтретирале Иштван.
„Мислам дека се плашеа да не дојде нивното семејство или тие самите, да не дојде до инцидент“, вели една тинејџерка која го познаваше Иштван.