Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа изјави дека не постои никаква потврда дека трагата на 14 годишната Вања се губи пред пекарата „Силбо“, или кафулето „Броз“.

– ЗНАЧИ НЕ Е ТАКА. НИТУ ИМА МОЖНОСТ ЗА ТАКВА ПОТВРДА, ВРЗ ОСНОВА НА ОНА ШТО Е ИЗВАДЕНО ОД КАМЕРИ КОИШТО ГИ ИМАМЕ. ТАКА ВО ОВОЈ ДЕЛ ЌЕ ПРЕЗЕМЕМЕ И ПОНАТАМУ ИНТЕНЗИВНИ АКТИВНОСТИ, БИДЕЈЌИ НА ЦЕЛАТА ТЕРИТОРИЈА НА СКОПЈЕ ВЕЌЕ СЕ ПРЕЗЕМЕНИ, НЕ САМО НА ПОДРАЧЈЕТО НА ЦЕНТАР, ТУКУ КАРПОШ, ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, БИТПАЗАР. ПРВИЧНО БЕА ВКЛУЧЕНИ САМО ЦЕНТАР И БИТПАЗАР, ПРВИОТ МОМЕНТ ЗА ТОЈ ДЕЛ, ТОЈ ПРОСТОР КАДЕ ШТО Е МОЖНО ДА СЕ НАОЃА ДЕВОЈЧЕТО ДА БИДАТ ПРЕБАРАНИ, РЕЧЕ СПАСОВСКИ.

Тој претходно изјави дека преку 50 камери, односно места каде што имало камери, се преземени и прегледани а целосно е во функција системот „Safe city“ во кој што исто така се преземаат низа мерки.

Мајката на Вања во разговор за „Макфакс“ претходно кажа дека полицијата ги прегледувала и камерите и сите достапни материјали и докази што би можеле да помогнат во пронаоѓање на исчезнатата Вања.

„Вања излезе вчераутро во 7.20 часот, а јас излегов по неа во 7.40 часот. Набргу ми се јави нејзината класна и ми кажа дека Вања не е на училиште. Јас веднаш ја побарав, но беше недостапна, телефонот ѝ беше исклучен. Проверив на ‘Гугл мапс’ и видов дека последно е регистрирана во близина на ‘Броз кафе’ на ‘Партизанска’“, рече таа.

Вели дека Вања била весела вечерта пред настанот и дека ништо не наведувало оти нешто такво може да се случи.

„Вечерта беше весела, весела си отиде на училиште, не сме се расправале, отворено си разговараме за сè. Ги распрашав сите нејзини другарчиња. Тие доаѓаа и претходно тука, се дружеа, си седеа. Но, никој вчера не ја видел Вања во училиште“, кажа мајката.