Повеќе од 60 лица загинаа, а десетици се водат за исчезнати во четвртокот, откако силните поплави во Германија и Белгија ги претворија потоците и улиците во бесни порои што носеа автомобили и предизвикаа уривање на куќите.
Последните бури низ делови на западна Европа направија реки и акумулации да пукаат во бреговите, предизвикувајќи поплави во текот на ноќта откако заситената почва не можеше да апсорбира повеќе вода.
„Жалам за оние кои ги загубија своите животи во оваа катастрофа“, рече германската канцеларка Ангела Меркел за време на посетата на Вашингтон, изразувајќи шок за обемот на поплавата. „Сè уште не го знаеме бројот. Но, ќе бидат многу“.
Таа вети дека ќе се стори сѐ за да се пронајдат оние што сè уште се водат за исчезнати, додавајќи: „Обилниот дожд и поплавување не го доловуваат она што се случило“.
Властите во покраината Северна Рајна-Вестфалија соопштија дека најмалку 30 лица починале, додека 28 смртни случаи се пријавени во државата Рајнланд-Пфалц на југ.
Белгиските медиуми јавија за осум смртни случаи во таа земја.
Меѓу најтешко погодените германски села беше Шулд, каде се урнаа неколку домови, а десетици луѓе се исчезнати.
Спасувачките операции беа попречувани од блокирани патишта и прекини на телефони и интернет преку Ајфел, вулкански регион на ридови и мали долини. Некои села се претворија во урнатини, бидејќи старите куќи од тули и дрво не можеа да го издржат ненадејниот наплив на вода, носејќи често дрвја и други остатоци додека навлегуваа низ тесните улички.
Карл-Хајнц Грим, кој дошол да им помогне на своите родители во Шулд, рече дека никогаш не видел малата река Ар да прерасне во толку смртоносен порој.
„Оваа вечер беше како лудило“, рече тој.
Десетици луѓе мораа да бидат спасени од покривите на своите куќи со гумени чамци и хеликоптери. Стотици војници беа распоредени да помогнат во спасувачките напори.
„Има мртви, има исчезнати, има многу кои сѐ уште се во опасност“, рече премиерката на Рајнланд -Пфалц, Малу Дрејер, пред регионалниот парламент. „Никогаш не сме виделе таква катастрофа. Навистина е поразително“.