Семејството на младиот Леонид Индов кој е неподвижен од тешки повреди и пред десетина дена со полициски хеликоптер беше префрлен на третман во Виена денеска добило известување дека Фондот за здравствено осигурување нема да ги плати сметките од австриската болница.
Родителите биле известени дека лекувањето не спаѓа во третманите кои се под Фондот иако чинат над 140 илјади евра. Таткото на младиот Леонид, Бранко Индов, обајснува дека лекувањето е во Австрија откако лекарите во Македонија им сугерирале да побараат третман во странство.
-За Леонид долго време се обидувавме да добиеме донации да го однесам на лекување. Тој дише на респиратор и во октомври бевме на КАРИЛ. Од октомври го префрливме во „Жан Митрев“ и сите доктори и стручни лица кажаа дека толкаво е знаењето во Македонија и мора да го носиме во странство. Најдов установа во Австрија која во таква состојба би го примила. Таму најдов разбирање и не морав целата сума да ја платам одеднаш за да можам да собирам полека финансии. Платив еден дел, но постапката ја водам и пред Фондот за здравство. Денеска оттаму добив решение дека го одбива лекувањето на Леонид во странство, како неосновано, рекол Бранко Индов за Слободен Печат.
Од Фондот известувањето било дека не може да се плати лекувањето затоа што го сметаат за рехабилитација која е возможна во Македонија.
-Образложението е дека тоа било рехабилитација и дека имам склучено договор со ФЗОМ. Прво, немам склучено договор со ФЗОМ и дека во Македонија има установи што можеле да го лекуваат, а не ми наведуваат кои се тие установи кои можеле да го третираат во таква состојба во каква што е Леонид. Ги имам лицата што се потписници на записникот и сакам јавно да ги прашам, како тоа ќе ми објаснат каде во Македонија ќе го лекувам Леонид? За Леонид во Македонија добив само еден декубит на КАРИЛ со кој го уназадија со години мојот син. Сите вежби што треба да му ги прават и испитувања во Австрија, не може да му ги прават поради тој декубит, изјавил Индов, кој за Слободен Печат тврди дека лекарка-специјалист од Австрија била да го види Леонид во болницата „Жан Митрев“ по што оценила дека во Виена може да му се помогне за подобрување на состојбата.
Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што повреди повеќе рбетни пршлени. Дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите. Поради тоа и транспортот со хеликоптер беше ризичен и сложен бидејќи мораше да патува приклучен на респиратор и под специјалистичка лекарска придружба.
Од Фондот попладнево упатија соопштение со кое тврдат дека одлуката да не се плати лекувањето на Леонид Индов во странство е донесена во согласност со актуелните правилници и законски решенија. Целосното соопштение во продолжение:
Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор.
Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување. Под истите услови се користат во странство и здравствени услуги на контролни прегледи кои се однесуваат на веќе извршено болничко лекување во странство одобрено од страна на Фондот, а кои не можат да се извршат во Република Северна Македонија.
Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот.
Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи.