Македонската пејачка Стојне Николова гостуваше во поткастот „Лазаров“ каде првпат проговори за семејната трагедија со која се соочила во средношколските денови.
Нејзиниот татко починал кога таа имала само 16 години.
„Татко ми беше најважниот човек во мојот живот. Мојот идол, човекот кој живееше за мене, живееше за моите браќа.. Едноставно, беше многу среќен што јас влегувам во музичките води. Сета таа приказна започна супер, имав многу голема поддршка и од татко ми и од мајка ми. Потоа се случи една неубава работа. На мајка ми ѝ дијагностицираа рак на дојка. Таа е една многу борбена жена, се избори..“, ја почнува Николова нејзината интимна приказна.
На новинарот Зоран Василевски-Фаци потоа му одговори и што точно се случило со нејзиниот татко.
„Еден ден требаше да ме носи на настап. Се случи тоа што се случи.. Дојде дома и само рече дека му е лошо и тука пред нас падна од креветот и толку беше. Го однесовме во болница, ама таму ништо не можеше да се направи.. Мозочен удар како гром од ведро небо. Тоа дефинитивно не скрши сите нас, во најубавиот период кога јас го подготвував мојот прв албум. За жал, не дочека да го слушне“, завршува таа.