Милан Младеновиќ почина од рак на панкреас на 5 ноември 1994 година, а со месеци се зборувало дека заболел од сида. Во последните часови на неговиот живот со него во собата престојувала неговата колешка од бендот, Маргита Стефановиќ Маги.
За последните часови од животот на Младеновиќ во својата книга проговорила блиската пријателка на Маги, Лидија Николиќ.
„Еден ден пред смртта на Милан, Маги беше во својот стан на ‘Славија’. Заѕвоне телефонот. Можеш ли да дојдеш до кај нас? Милан сака да те види само тебе“, низ плач ја замолила мајката на Милан, Даница.
Маги веднаш фатила такси и отишла во станот на Младеновиќ. Милан лежел во креветот. Било мрачно. „Немој да плачеш, сето ова го знаевме“ ѝ рекол Милан.
„Побарал да ја стави главата во прегратката на Маги и таа да го гали. Тоа често го правеа. Ѝ заспал во прегратката. Останала неколку часа сама со него. На разделбата му рекла: ‘Се гледаме утре.’ Ништо не ѝ одговорил, само нежно ја погледнал. Другиот ден почина“, раскажала Лидија Николиќ.
Некои велат дека музичарот во моментот на смртта имал само 35 килограми. Три месеци пред смртта, му се слошило на Младеновиќ по еден концерт во Будва и итно бил префрлен во болница.
Животот овде стана неподнослив
Младеновиќ беше еден од најголемите рокенрол-уметници на нашите простори. Сите ги знаеме неговите песни, но ги паметиме и неговите зборови. Неколку негови последни интервјуа и ден-денес се цитираат, а во продолжение ви пренесуваме една негова изјава со која многумина се поистоветуваат и денес.
– Животот овде стана невозможен. Страшно е само што луѓето не се бунат за тоа. Секој се плаши да не изгуби некој основен минимум кој, сепак, му беше загарантиран досега, а сега и тој минимум престанува да постои. Многу сум разочаран од луѓето кои дозволија да бидат погребани и морално и човечки, дозволија пријателите да ги предадат, тие да ги предадат своите пријатели и браќа и сè живо и сето тоа да заврши во еден општ хаос… Страшно е сè заедно: колку луѓето се неангажирани и колку тој основен минимум е поважен од човечкото достоинство, кое е сè подлабоко во калта. Понижени и навредени, буквално така – изјавил Милан во 1993 година.