Двесет и четири годишната Елена Маџова од Свети Николе лекувањето го продолжи во Турција, откако хуманите граѓани на нејзиниот роден град организираа низа на акции и беа отворени и телефонски броеви за донации и жиро сметка.
Елена заминала во Словенија на работа, но доживеала мозочен удар на 18-ти јули 2023 година. По оперативниот зафат во Љубљана е во природна кома. Нејзината мајка Валерија Маџова се огласи на социјалните мрежи и испрати порака да продолжиме да се бориме за Елена.
– Имавме желба да дојдеме заедно во Истанбул на шетање. И дојдовме заедно. Скоро шест месеци сме овде. Но не шетаме. Таа лежи на болничкиот кревет, јас седам до неа. Таа гледа во таванот, а јас Истанбул го гледам низ прозорецот. Таа ми ја стиска раката како да вели седи тука до мене, не сакам да сум сама. Многу ноќи непроспиени, многу солзи исплакани. Но сето тоа се заборава кога ќе ги видам тие очи полни со надеж додека и пеам Кокиченце девојченце, Македонско девојче, Јовано Јованке. И онаа нашата песна од Владо Јаневски – Не, не, не те сакам ја те обожавам. И сето тоа ми дава сила да издржам, да се борам и да барам помош за Елена. Ми дава надеж и верба дека Господ ќе ги услиши нашите молитви за опоравување на Елена. Да успее Елена да се исправи на нозе, да прошетаме заедно било каде. Не мора да е Истанбул. Да може таа да ми каже каде да одиме. Ви благодарам од ❤️ за поддршката и помошта од ваша страна. Но Ве молам тука да не престанеме, да продолжиме да се бориме за Елена, порача нејзината мајка.