Отворено и по малку брутално лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денеска изјави дека не помислува да ги повика нивните поддржувачи да гласаат за Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг на претседателските избори. Левица повика на поддршка за Силјановска во 2019 година.

Гостувајќи на емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 тој не спомена дека Стево Пендаровски ќе ја има нивната поддршка, ниту пак дека ќе препорача да се бојкотираат претседателските избори.

Максим Димитриевски за разлика од Апасиев ги повика граѓаните масовно да излезат

Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски вчера изјави дека лоша пракса е да се повикуваат граѓаните за кого да гласаат, но воедно ги повика да го искористат гласачкото право, а тој кажа дека нема да гласа за Стево Пендаровски.

„Ќе гласам на претседателските избори, нема да го чкртнам ливчето. Јас веќе се извинив за мојата претходна поддршка за Пендаровски. Немам морално и етичко право јас да барам од гласачите кои мене ме поддржале кого да поддржат. Нема да го правам тоа и таа пракса е лоша. Гласањето е таен чин, граѓаните сами одлучуваат, но побарав од граѓаните, поради тоа што сме соочени со фактот поради неуспешни претседателски избори да влеземе во политичка и институционална криза, да излезат масовно и да ја дадат поддршката на кандидатот за кого сметаат.

Лично до мене што е, јас се извинив на граѓаните уште во јуни 2022 година за мојот ангажман како дел од поддршката на Стево Пендаорвски и сигурно тој нема да ја добие мојата поддршка… Нема да имам неважечко ливче, апсолутно ќе гласам, нема да оставам мојот глас да пропадне. Јас сум демократ по убедување и тоа е тоа“, рече тој.

Тивкиот бојкот на ДУИ е обид да нема цензус и да се влезе во политичка криза

Ќе се обиде ли Европскиот фронт што го предводи ДУИ преку тивок бојкот на 2 круг на претседателските избори да издејствува политичка криза од која ќе се надева на влез во владина коалиција? Официјално од таму велат дека оставаат на своите поддржувачи сами да одлучат дали на 8 мај ќе земат две или едно гласачако ливче.

„Ќе ги повикаме сите граѓани да учествуваат во изборниот процес, и да одлучуваат според нивните оценки и нивните приоритети. Имаме демократско искуство и верувам дека сите граѓани ќе можат да ги препознаат своите приоритети меѓу кандидатите, кој од кандидатите во вториот круг ќе ги исполни нивните очекувања“

Но и македонската и албанската опозиција не веруваат на зборовите што доаѓаат од фронтот на ДУИ. Од Коалицијата Вреди обвинуваат дека Ахмети веќе дал наредба за бојкот на претседтаелските избори. Иако оставаат и нивните поддржувачи самостојно да одлучат на 8 мај, велат дека бојкот не опција за избори.

Поддршката од албанските гласови може да биде клучна за цензусот од 40 отсто за претседатеските избори. Сепак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е уверен дека цензусот е обезбеден и дека професорката Силјановска е иден претседател на државата. Мицкоски вели дека ДУИ преку тивкиот бојкот ги злоупотребува Албанците во свој интерес.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уверен и дека ќе ја формира идната влада иако вели дека нема се уште никакви разговори за распредлеба на ресори со потенцијалните партнери.

Катерина Нешкова