Полицијата соопшти детали за тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на магистралниот пат Радовиш-Штип, а во која животите ги загубија две лица.

Од Министерство за внатрешни работи (МВР) велат дека пријавата за несреќата ја добиле вчера во 18:05 часот.

На местото на несреќата починале двајцата возачи од Радовиш кои управувале со возила „пасат“ и „опел“, од кои едниот имал 27 години, а другиот бил на 49-годишна возраст.

„Сообраќајна несреќа се случила помеѓу патничко возило ‘пасат’ со радовишки регистарски ознаки, управувано од М.Л. (27) од Радовиш и патничко возило ‘опел’ со пробни регистарски таблички, управувано од Ж.Г. (49) од Радовиш. На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а смрт констатирал лекар од Здравствениот дом Радовиш“, соопшти МВР.

Единствена преживеана е сопатничката од „опелот“, на возраст од 41 година, која се здобила со тешки телесни повреди.

„Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и екипа на Полициската станица Радовиш“, велат од МВР.

Вчера порталот „Струмица денес“ објави и фотографија од несреќата на кои се гледа дека еден од автомобилите бил целосно уништен.