Ана Дукоска дојде од Америка за да гласа на изборите, знаејќи дека за да излезе од Македонија назад за САД ќе мора да извади нов пасош. Аплицирајќи за пасош, бидејќи е по брза постапка, и го поништија стариот. За да се осигура дека ќе може без проблем да го оствари правото на глас, замина за Скопје за да го подигне новиот пасош,па се врати во Охрид за да гласа.
Јас од Скопје дојдов во Охрид, па се враќам за Скопје. На бензиска го сретнав Игор кој е со скопска лична карта, тргнуваше за Скопје само да гласа, па ќе се врати во Охрид. Брат ми дојде во Охрид да гласа, па ќе патува за Берово со сопругата за да гласа и таа, па ќе се вратат во Скопје.
Знам уште десетици други луѓе кои дојдоа од Италија, Германија, цела Европа, за да дадат еден глас на изборите. Бидејќи се ценат себеси, ја ценат Македонија и иднината на сите нас, Македонците и сите граѓани на Македонија.
Знаат дека е важно. И ако можела Ана да лета илјадници километри и да потроши илјадници долари за да даде еден глас, иако ги заработува во САД и директно на животот и влијаат американските избори и закони, но сепак доаѓа тука бидејќи ѝ е стало за Македонија, за роднините, пријателите и идеалите…
…тогаш нема изговор за никој да не се помачи 200 метри до избирачкото место и да ги искористи своите 7 минути во кои одлучува за оние кои 7 години одлучувале наместо него. Честопати и игнорирајќи го.
Денес е денот да одлучиме за себе, за својата иднина. Денес е денот на одлука за Македонија.
Излези и гласај!
Да живее Македонија!