Осумгодишно девојче загина на летот на Јунајтед ерлајнс во САД, соопштија официјални лица.

Летот на Јунајтед 5121 вчера полетал од Џоплин, Мисури во 6 часот наутро и се упатил кон Чикаго кога се пренасочил кон Пеорија, Илиноис, околу 45 минути по полетувањето.

Официјални лица изјавија дека на девојчето, идентификувано како Сидни Вестон, ѝ се слошило и дека авионот морал итно да слета.

„Нејзиното семејство веднаш го известило екипажот на летот за нејзината состојба и тие брзо почнале да ѝ пружаат помош“, рече судскиот вештак, пренесува Дејли Мејл.

Болничарите го пречекале детето на аеродромот по слетувањето на авионот, но девојчето не дишело и немало пулс, соопштија од судска медицина.

Сидни била итно пренесена во болница, каде што е прогласена за мртва веднаш по 8 часот наутро, и покрај „агресивните напори за реанимација“.

Обдукцијата е закажана за вечерва.

Сидни била од Мисури и била на одмор со семејството кога се случила трагедијата. Летот 5121 повторно полетал за Чикаго вчера околу 13 часот.