Трагедија во НП Галичица. Патничко возило денеска излета во амбис од регионалниот пат Трпејца – Преспа. Очевидците за Сител велат дека глетката била страотна, а незгодата како што ни изјавија се случила на дел од патот кој не е обезбеден со еластична ограда.

Тие реагираат дека овој патен правец е небезбеден и оштетен така што воопшто не е за потценување. Kако што дознава СИТЕЛ, има две загинати лица.

Од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се на терен со цел капацитет со кој располагаат но велат дека потребни се неколку часа за да се извлече возилото бидејќи станува збор за провалија.

Од СВР Охрид исто така го потврдија настанот за несреќата и најавија дека екипи на полицијата и јавен обвинител се на местото на настанот.

Патот преку НП Галичица во зимскиот период од безбедносни причини се затвора, а во летниот период се наплаќа влез на што реагираат голем број на граѓани и рекреативци тие велат дека овој пат е исклучително опасен и треба да се подобри неговата безбедност.

ЦУК: Двајца загинати при излетување на патничко возило во провалија на Галичица

Регионалниот ЦУК Охрид, извести, во врска со паднатото возило на планина Галичица, дека прво била утврдена точната локација, на место викано „Превој“ на планината Галичица. Возилото е паднато во провалија на околу 100 до 200 метри длабочина од регионалниот пат Трпејца – Преспа што води преку Националниот парк „Галичица“.

Според екипите што се на терен на местото на настанот има две починати лица на постара возраст. Екипа на МВР Охрид и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се на терен и по направениот увид, продолжија со извлекување на настраданите, а и на возилото од провалијата.