Поранешниот актерски пар Алис Еванс и Џоан Грифит го завршија својот брак во 2021 година по 12 години заедно, но се чини дека нивниот однос дополнително се влошил.
Имено, како што пишува британски „Дејли мејл“, Алиса го обвинила својот поранешен сопруг дека од мај не плаќа алиментација, поради што се нашла во големи финансиски проблеми.
Актерката тврди дека не може да плаќа кирија ниту да си дозволи храна, поради што е принудена да користи бонови за храна за да ги прехрани своите деца.
Во правните документи што ги доставил нејзиниот адвокат на 1 јули, стои дека актерката има целосно старателство над заедничките деца, но и дека два месеци не добила никаква финансиска поддршка од нивниот татко.
Актерката исто така тврди дека, додека едвај врзува крај со крај, Грифит и неговата нова свршеница Бјанка Валас уживаат во луксузен живот, а актерот наводно си купил себеси и на Бјанка нови часовници „Ролекс“ и ѝ подарил скап свршенички прстен.
Велшкиот актер исто така бил и на глобална промотивна турнеја по повод излегувањето на филмот „Bad Boys: Ride or Die“, во кој глуми, а врз основа на сето ова, Алиса бара судот да донесе одлука со која нејзиниот сопруг ќе им ја исплати нејзе и на децата заостанатата алиментација.
– Алиса поднесе барање за социјална помош, бидејќи не може да се издржува себеси и децата. Рочиштето е закажано за неколку месеци и Алиса нема да може да преживее без помошта на сопругот. Џоан има опција за плаќање брачна поддршка врз основа на неговата поголема финансиска можност и раскошен начин на живот. Поради овие причини, Алиса бара алиментација за децата – рекла нејзината адвокатка Жанина Верано.
Да потсетиме дека Еванс и Грифит се разведени, но старателството и издршката на децата допрва треба да се договорат на следните рочишта. Актерката доживеа нервен слом пред три години по навидум ненадејниот развод.
„Тажна вест. Мојот сакан сопруг/сродна душа 20 години, Џоан Грифит, објави дека го напушта семејството. Јас и нашите ќерки сме многу збунети и тажни. Не ни даде друга причина освен дека „тој не нè сака повеќе““, напишала таа во 2021 година на Твитер.
Грифит, познат по драмата на „ITV Liar“ и филмот „Fantastic Four“, излезе во јавноста во 2021 година со новата девојка Бјанка Валас, актерка која имаше улога во драмата „Хароу“. Тие сега живеат заедно во Лос Анџелес.
Еванс живее со нивните ќерки.
Алис отвори страница на Go Fund Me во јуни 2022 година, барајќи 25.000 долари за плаќање на сметките. Грифит тврдеше дека нејзините објави на социјалните мрежи биле лажни и претставувале вознемирување и побара наредба за ограничување.
Еванс верува дека не може да зборува за нејзината ситуација во медиумите или да објавува на социјалните мрежи, бидејќи тоа може да доведе до тоа да ја прекрши наредбата за забрана и да оди на суд. Во јуни, ќерката Ела поднела барање за забрана за приближување против Грифит, но барањето било повлечено.