Рано изутрина ќе се вклучат два армиски хеликоптера во гасењето на пожарот кај Кочани, ни потврдуваат од Министерството за одбрана, објави ТВ 21.
Денеска леталата за оваа намена веќе биле употребени, но за да се справат со пламените јазици во близина на Старо Нагоричане.
Хеликоптерите се вклучуваат во вакви акции единствено на барање на ЦУК, но сепак е невозможно да се користат во ноќни услови.
Претседателот Стево Пендаровски информира дека хеликоптерите ќе се активираат во утринските часови, а како што објаснуваат од Одбрана тоа се должи на фактот што пилотите навечер би можеле да го видат само пожарот, односно – немаат прегледност на теренот и темните шуми, ниту, пак, на пример, може да забележат од каде да црпат вода за гаснењето.
Инаку, армиските хеликоптери во моментов ги заменуваат двата канадера, специјализирани за оваа намена, затоа што сè уште има проблем со тендерската постапка, преку која би заминале на сервис во Шпанија.
Тие не се во функција повеќе од една година, а неодамна директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека канадерите најверојатно нема да бидат сервисирани ниту до крајот на годинава.