На 84 годишна возраст, по кратко боледување вчеравечер почина Борче Стефановски од Младо Нагоричане, објави локалниот портал Кумановски Муабети.
Дедо Борче како што го познаваа сите имаше голема парапсихолошка моќ, тој има направено два црковни храма во Младо Нагоричане и Стрезовце. Погребот на дедо Борче ќе биде денеска на гробиштата во село Младо Нагоричане.
Во едно свое интервју, пред шест години, односно во 2018 тој изјави:
– Живот или смрт, да служам на луѓето беше мојата парапсихолошка мисија. Ме следеа, трпев секакви тортури но низ тортурата помина и моето семејство. Направив два храма кои сега се дуќани за свештенството. Кога почнав да ја градам црквата имаше 11 пријави против мене. Два пати ме прогласија за мртов. Секакви шпекулации слушав за мене, за секој голем христијански празник велат дека дедо Борче кажал ќе има немири , но тоа се само завери против мене. Неправедно ме обвинија дека сум кажал дека за велигден пред две години ќе експлодира бомба во црква. Тоа беше завера од свештениците што за жал продолжува и сега- вели дедо Борче.
Дедо Борче велеше дека поседува голема парапсихолошката моќ и апелираше до сите луѓе да не одат по надри лекари, гатачи и гледачи, а за него вели, никој да не ја доживее неговата судбина.
– Не можам повеќе да им служам на луѓето и немој да ми замеруваат , стар сум годините ме стигнаа, а и здравјето се влошува, но кога ќе те понижат и наклеветат чувството е многу лошо, а се ќе им се врати еден ден, рече тогаш дедо Борче.
Божјата милост е голема, но ние како христијани треба да се држиме до православието и да го почитуваме, друг задгробен живот нема. Кога ќе почине човек не се носи храна на гробишта не се дава храна, се носи само погача, пченица, вино и свеќа. Не се прават гозби за починато лице. Тоа е паганство но се повеќе ги води луѓето во спротивна насока но не на христијанската.