Традиционалните лежечки полицајци, кои со години се користат како едно од најчестите средства за смирување на сообраќајот, постепено би можеле да станат минато. Во неколку европски земји се тестира нова генерација на т.н. „паметни“ или активни успорувачи, кои реагираат само кога возилата ја надминуваат дозволената брзина.

За разлика од класичните физички препреки на коловозот, новите системи користат сензори и радарска технологија за мерење на брзината на возилата. Доколку возачот се движи во рамки на пропишаното ограничување, патот останува рамномерен и непроменет. Но, доколку се забележи прекршување, системот се активира и создава физичка пречка која го принудува возачот да успори.

Оваа иновација има за цел да ја зголеми безбедноста во сообраќајот без да се создава непотребен дискомфорт за сите учесници. Властите во повеќе европски држави кои веќе тестираат вакви решенија истакнуваат дека класичните лежечки полицајци често предизвикуваат оштетувања на возилата, непријатност за возачите и зголемена потрошувачка на гориво.

„Паметните“ системи, пак, се дизајнирани да бидат фер – да реагираат исклучиво на несовесно возење. Со тоа се постигнува двоен ефект: заштита на пешаците и населбите, но и подобро почитување на сообраќајните правила.

Иако технологијата е сè уште во фаза на тестирање во повеќе европски градови, експертите сметаат дека ваквите решенија би можеле да станат стандарден дел од идната урбана инфраструктура.

Доколку се покажат успешни, класичните „лежечки полицајци“ би можеле навистина да останат само дел од сообраќајната историја.