Една од најпосакуваните дестинации на Македонците, Грција, ги отвори своите граници за граѓаните од трети земји, па поради тоа многумина веќе ги испланираа овогодишните летувања.
Иако условите за влез во Грција редовно се ажурираат, сите се надеваат дека нема да има поголеми проблеми поради пандемијата. Граѓаните особено ги радуваат најавите дека цените не се значително променети во споредба со годините пред коронавирусот.
При влез во Грција треба да покажете негативен ПЦР тест, антиген тест или сертификат за примени две вакцини.
Десет ноќевања во јули од 150 евра
За 10-дневен престој воглавно треба да издвоите слична сума како и пред пандемијата, но за најбараните термини во јули и август ќе ви бидат потребни до 700 евра за 10 ноќевања во двокреветна хотелска соба.
На почетокот и средината на јули можат да се најдат 10 ноќевања во апартмани на Халкидики од 160 евра. На Тасос во екот на сезоната можете да поминете 10 дена во хотел за 290 евра, додека престојот во вила во Ставрос ќе ве чини околу 150 евра. Слична е цената и за термините во текот на август.
Во Ханиоти, 10 дена летување во вила ќе ве чини нешто повеќе од 400 евра во јули. На Лефкада, цените на сместувањата во средината на јули се движат од 35 евра по лице, а такви цени ве очекуваат во јули и август на Скијатос и во Полихроно.
Кафе од 2,5 до 3 евра, гиро од 3 до 7 евра
Што се однесува до вонпансионските трошоци, кафето во зависност од летното одморалиште, но и видот на објектот може да се пие за 2,5 до 3 евра. Сокчињата чинат од 2 до 3 евра, а свежо цедените сокови се 4 евра.
Ако сепак се одлучите за пиво, просечната цена на стандардните марки е од 3 до 5 евра, додека крафт пивата се од 6 до 7 евра. Може да добиете половина литар вино за 5 евра, а локалното узо чини 8 евра. Цените на класичните коктели се движат од 7 до 8 евра.
Што се однесува до омилениот специјалитет – гиро, кој во претходните години секогаш чинеше од 2 до 2,5 евра, просечните цени сега се од 3 евра за помала порција до 7 евра за поголема порција, а цените на скарата, ќебапите и хамбургерите се слични.
Може да јадете пица за 8 до 12 евра, во зависност од дестинацијата. Нешто поегзотичната морска храна се движи од 8 до 12 евра. Грчката салата чини 6,5 евра, а Цезар салатата околу 10 евра.
Лежалки и чадори само со пијалаци
Сет лежалки и чадор во баровите во Пефкохори чинат 4 евра со задолжителна консумација, а цената на кафето е околу 4 евра, така што за уживање на плажа ви се потребни 8 евра.
Надвор од Пефкохори има барови на плажа каде со консумација можете да набавите лежалка и чадор за сонце. Кафето чини 4 евра, пивото 5 евра, со неограничен престој. Во Херманос две лежалки и чадор чинат 10 евра плус консумација.
Комплет лежалки и чадори за сонце во барови на Халкидики последните години чини претежно околу 5 евра.
Цените на овошјето и зеленчукот во продавниците се близу до македонските, додека месото е нешто поскапо. На пример, цената на лебот на Халкидики е околу 40 центи, килограм домати чини 2,1 евро, а лубеницата е 1,1 евро. Маслиновото масло чини 5 евра, а 6-литарски балон вода се движи до 1,7 евра.